Реконструкција на Владата – кои министри заминуваат, кои нови доаѓаат, а кои ќе се преместат од еден во друг ресор

По смените во пратеничкиот состав на СДСМ, откако дури седуммина пратеници заминаа на градоначалнички функции, за лидерот на партијата и премиер Зоран Заев следува уште еден немирен период во кој ќе мора да го рекомпонира својот министерски кабинет задоволувајќи ги и амбициите на своите сопартијци, но и на завојуваните коалициски партнери од албанскиот блок.

На местото на пратениците, Максим Димитриевски, кој е избран за прв човек на Куманово, Петре Шилегов кој стана градоначалник на Град Скопје, Стефан Богоев во општина Карпош, Сашо Поцков кој е нов градоначалник на Гевгелија, Благој Бочварски на Штип, Курто Дудуш на Шуто Оризари, сите од СДСМ, ќе седнат нови пратеници.

На нивно место најверојатно пратеници ќе станат Татјана Лалческа од Тетово, Анета Симеска-Димоска од Македонски Брод, Лилјана Тасевска од Куманово, Ристе Ташев од Неготино и струмичанецот Костадин Костадинов, како и Агим Муртезанов во двојката, но и Костадин Ацевски. Неколкумина о дновите пратеници не се од редовите на СДСМ, туку од коалициските партнери.

За разлика од нив, челникот на Движењето БЕСА Биљал Касами, си поднесе оставка од пратеничката функција за да се кандидира за градоначалник на Тетово, а откако загуби на негово место во парламентот треба да го замени Неџбедин Каремани. Исто така, во Собранието треба да добие мандат и Мерал Узеири Ферати од ДПА, кој ќе го завземе местото на Бардиљ Даути, кој како и Касами, претходно си поднесе оставка за да се кандидира за градоначалник на Тетово, но не успеа да влезе во вториот круг.

Согласно законската процедура, Претседателот на Собранието Талат Џафери, по завршувањето на вториот круг е должен да побара список со резултати од Државната изборна комисија (ДИК), за тоа кои пратеници станале градоначалници и да свика седница, на која ќе се верификуваат мандатите на новите членови на парламентот.

Дополнување на министрите во Владата кои станаа градоначалници или момент за реконструкција на владиниот состав

Министерот за здравство Арбен Таравари, како кандидат на Алијансата за Албанците, беше избран за градоначалник на Гостивар. Министерот без ресор, Рамиз Мерко од ДУИ, е избран за градоначалник на Струга, а заменик министерот за образование Висар Ганиу од ДУИ е избран за градоначалник на Чаир. Од двете партии засега нема најави кои лица ќе го ги пополнат нивните позиции.

Зијадин Села од Алијансата за Албанците, како и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, порача дека потребно е ново одмерување на силите на партиите, на државно ниво. И тој, како и најголемата парламентарна партија, смета дека локалните избори биле криминално организирани и оти за добивање на вистинската слика за подршката, што наводно ја ужива сега владејачката структура на СДСМ и ДУИ, е потребно да се одржат вонредни парламентарни избори. Но, онака како што беа организарани декемвриските, од техничка влада, што ќе го спречи мешањето на државата и партијата, што како голем недостиг проблем за транспарентен изборен процес на штотуку завршениот изборен циклус го нотираше и набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, индиректно признавајќи ја нерегуларноста на локалните избори.

Заев, очигледно и самиот не е убеден во надолниот тренд на својот најголем политички опонент и во овој момент, спротивно на логиката којашто произлегува од нив, не се одлучува за распишување на предвремени парламентарни избори за евентуална потврда на својата наводна надмоќ на политичката сцена.

Наместо тоа, неофицијалните партиски информации од СДСМ велат дека ќе се реши за рекомпонирање на министерските позиции. Меѓутоа, Заев и тука според изворите, се соочува со многу проблеми. Од поодамна е познато дека Рената Дескоска, бара да го земе ресорот во правда, според нејзината струка. Но, ова место го држи Билен Саљиј од ДУИ. Така, за да СДСМ му го земе на ДУИ министерството за правда, ќе треба да му понуди нешти друго. Дали тоа ќе се случи и каков ќе биде пазарот, времето ќе покаже.

Во залог влегува министерството за здравство, од каде Таравари, сопартиецот на Зијадин Села, ќе се пресели во градоначалничката фотелја на Гостивар: останува непознато дали кадар од Алијансата повторно ќе претендира на овој ресор.

Главоболки на Заев му задава и доскорешниот кумановски градоначалник Зоран Дамјановски Циц. Извори во СДСМ велат дека Дамјановски, по кандидатурата на Максим Димитревски за градоначалник на Куманово, воопшто не сакал да и’ помага на партијата на локално ниво. Наводно тој бил „смирен“ од партиското раководство со ветување дека ќе добие место во извршната власт. Уште еден негов поранешен колега од градоначалничката функција, Андреј Жерновски, кој беше буквално отстранет од својата претходно поднесена кандидатура со повлекување во Владата за да направи простор за социјалдемократот Саша Богдановиќ во скопската општина Центар, наводно барал по локалните избори да добие конкретен ресор наместо министер без ресор. Засега не е познато на кое министерство цели поранешниот либерал-демократ, кој не се истакна со некоја работливост и ефикасност во четиригодишниот раководен мандат. Неофицијалните информации од СДСМ велат дека Жерновски можно е да се задоволи и со директорско место во некое големо државно претпријатие.

Исто така, неофицијалните партиски информации од СДСМ велат дека најверојатно ќе следи и реконструкција на челното место во ресорот за култура, каде наместо Роберт Алаѓозовски би бил назначен сдсмовскиот кадар Едмонд Адеми, во моментов задолжен за иселеништвото.

Очигледното фијаско на економски план, константното задолжување на државата, неостварените ветувања за зголемување на платите, од минималната преку просечната до онаа на лекарите, непопуларните економски мерки како зголемувањето на акцизата на нафтата, како и жестоките критики поради тоа, Заев, според се’ најверојатно ќе се обиде да го амортизира со смена на актуелниот министер за финансии, Драган Тевдовски. На негово место, како што се шпекулира, би можело да дојде непартиска личност со силен финансиски бекграунд, но многу близок на Заев.

Во владата, исто така, може да бидат повлечени уште некои личности од СДСМ чиишто функционерски стремежи до израз ќе дојдат во следниот период, кога во партијата допрва ќе се разгори борбата за идниот претседателски кандидат.