Реконструкцијата на Клиничката болница во Битола е во завршна фаза

Министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска во Битола ја посети во Клиничката болница во градот.

Во изјава за медиуми подвлече дека Клиничката болница во Битола одлично се развива, како и дека реконструкцијата на болницата е во завршна фаза.

-Опфаќа реконструкција на фасадата и промена на сите прозори, инвестиција вредна 107 милиони денари, со што ќе се овозможи сериозна енергетска ефикасност на болницата и сериозни заштеди на средства. Пресметките покажуваат дека заштедите ќе се движат од 7-9 милиони денари годишно, средства кои што болницата ќе може да ги користи за сопствен развој, подвлече Тодоров.

Со тие средства болницата ќе може да набавува нова опрема во согласно со потребите на институцијата и пациентите.

-Во изминатиот период одлично функционира и делот на офталмологија. Се сеќавате дека некаде 2012 година се воведоа операција за катаракта кога имаше 300 операции првата година предвидено, за ова година, односно за првите 6 месеци има околу 1.200 интервенции. Добро функционира и интервентната кардиологија, со ширење на мрежата за интервентна кардиологија Битола за прв пат доби интервентна кардиологија. Денеска има околу 50-60 интервенции, вели Тодоров.

Болницата во изминатиот период и кадровски се зајакна. Од средината на 2012 година, па се до денеска се реализирани 250 нови вработувања, од кои 46 се доктори. 23 доктори се испратени на специјализација  од кои 5 доктори се испратени на специјализација во странство. Има и 10 кофинансирани специјализации.