Рекорден број антиисламски демонстранти во Дрезден, во Берлин контрапротест

Критиките од парламентарните партии на го спречија растот на поддршката за антиисламското движење „Пегида“, кое што вчера првпат успеа да собере над 15 илјади луѓе само на протестот во Дрезден.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, иако германската канцеларка Ангела Меркел недвосмислено ги осуди протестите на конзервативното движење Патриотски Европејци против исламизацијата на Западот, тие синоќа успеаја да соберат рекорден борј приврзаници.

Зборовите на Меркел и федералниот министер Хајко Мас, кој  протестите ги нарече „срам за Германија“, не беа директна причина за контрапротестот што се одржа во Берлин, паралално со собирот во Дрезден.

На најфрекфентното берлинско шеталиште Александарплац, каде се е во знакот на претстојните празници, неколкумина левичарски активисти се собраа да протестираат против „прикриениот фашизам“, како што тие го нарекуваат движењето што се појави во Дрезден. Тие изјавија дека не се членови, ниту приврзаници на владејачките партии, туку „борци за рамноправност во Германија“.

– Демонстрантите во Дрезден и неколкуте други градови каде се протестира наводно поради радикалните муслимански групи, а реално против сите муслимани во Германија, можат да предизвикаат сериозни тензии во земјата која што во 1961 година сама ги повика странските емигранти да дојдат и да ја помогнат нејзината економија, изјави Карл, еден од учесниците на протестот, кој за МИА објаснува дека случајно се нашол на протестот, но сепак ја искористи можноста и преку импровизираното озвучување го кажа својот став за антиисламските протести и за странците со муслиманско потекло кои што живеат во Германија.

Собирот во Берлин не бил организиран од ниту една политичка партија или групација. Еден од активистите во своето јавно обраќање изјави дека „силата на Германија зависи и од сите странци вклучително муслиманите“.

– Во Дрезден нема потреба да се протестира против ПКК, Исламската држава или Ал Каеда затоа што сите тие се забранети во Германија, додаде друг говорник, кој иако облечен како Дедо Мраз сепак успеа да изнуди не многу силен аплауз од присутните.

Публиката, која што првенствено дошла да се забавува на божикно украсениот Александарплац беше составена претежно од оние против кои што се протестира во Дрезден и другите градови. Малкуте Германци кои што застануваат да чујат за што се работи, веднаш продолжуваат понатаму откако ќе сфатат дека се зборува за политика.

Хасан, кој од Турција дошол во Германија како дете на петгодишна возраст, вели дека е вознемирен од простестите. Тој се плаши дека тие можат да се прошират и во други градови, иако вели дека во главниот град не чувствува притисок како муслиман.

– Овде најмалку 30 проценти од граѓаните се странци или имаат странско потекло и нема отоврена ксенофобија или расизам. Секој што го прекршил законот треба да се плаши, но за останатите Германија е најдобра земја за живеење на светот. За некои работи дури подобра и од мојата Турција, малку на шега вели Хасан, кој сепак ги разбира Германците и другите Европејци кои се вознемирени од курдските радикали, Ал Каеда и Исламската Држава.

– Сите знаеме дека радикални исламски органзиации имаат свои приврзаници насекаде низ Европа и дека многумина одат во Ирак и Сирија за да се борат во нивните редови. Кога се работи за радикални групи кои што носат крв и војни јас би излегол на протести, но демонстрантите во Дрезден мора да разберат дека такви се многу мал процент од муслиманите во Германија и во Европа, затоа мора да внимааваат кога не ставаат сите во ист кош, изјави Хасан, по што замина со својата девојка, која откако слушна дека нејзиното момче разговара со новинар од Македонија веднаш се тргна настрана.

Берлинските полицајци, кои откако увидоа дека на собирот нема потенцијал за поголем метеж ниту опасност од насилство, застанаа на стотина метри од насобраниот народ и мирно набљудуваа.

Наспроти вкупно стотината луѓе што ги слушнаа пораките на берлинските левичари, во Дрезден вчера на контрапротестот организиран од коалицијата „Дрезден за сите“, според полицијата, учествувале околу 5.600 луѓе. Намалувањето на бројот на контрадемонстрантите, а зголемувањето на тие што протестираат против исламизацијата на Европа може да биде сигнал дека негативниот антиисламски тренд може да продолжи и да зајакне во наредниот период.

Опасноста ја согледа и Интеркултурниот совет на Германија, кој дел од приврзаниците на „Пегида“ ги прогласи за расисти, а останатите за борци против правата на малцинствата.

– Лидерите на оваа организација не се патриоти туку расисти кои во прашање ги доведуваат човекоите права и правата на малцинствата, изјави првиот човек на оваа почитувана германска органзиација Јирген Микш .

Колкава е потенцијалната опасност од антиисламските протести може да се види и од изјавата на министерот за правда Маас, кој за весикот „Зи Дојче Цајтунг“ нагласи дека состојбата „ескалирала на ново ниво на агитација против имигрантите и бегалците“.

Најсилната членка на Европската Унија, која ја има и една од најстабилните влади на стариот континет, е пред уште еден предизвик. Ако се има предвид како во минатото владата во Берлин се справуваше со слични вакви проблеми тогаш може да се очекува наскоро антиисламските протести да станат минато.

Сепак дали тоа ќе се случи зависи и од „Пегида“, но можеби најмногу од пропагандните и воени активностите на радикалните муслимански групи како Исламската држава, во чии редови во моментов се борат околу 400 германски државјани.