Теми

Рекорден број на компании ќе учествуваат на Саемот за мебел

Рекорден број на компании ќе учествуваат на Саемот за мебел

На 40. јубилејно издание на годинешниот Саем за мебел ќе се претстават повеќе од 430 брендови и 180 изложувачи од земјата и странство. Годинава има за 20 отсто повеќе од лани домашни компании, трговци и производители на мебел кои ќе учествуваат на ова саемско случување кое ќе започне утре 25 март и ќе трае до 30 март (недела). Саемот за мебел од година во година има се поголем број на посетители и учесници, па така годинава изложувачите, новитетите во индустријата ќе ги претстават во седум саемски и три монтажни хали.

„Саемот за мебел се издвојува по големина од другите саеми, но и според бројот на изложувачи и посетеност.По стагнација од две години, оваа година се бележи раст на бројот на трговци и производители на мебел кои ќе се претстават. Ова говори дека индустријата за мебел кој е важна индустриска гранка, доживува подем,“ истакна Даниела Глигоровска директор на Скопски саем.

Меѓународниот саем за мебел е манифестација на која можат да се видат решенија за современо уредување на домот, дворот или работните канцеларии. Публика која се очекува (над 50 илјади посетители) ќе има можност да ги посети македонските производители на мебел, кои покрај квалитетот, се повеќе внесуваат свежина во дизајнот и иновација. Покрај домашните изложувачи ќе има и компании од Турција, Шведска, Србија, Хрватска,Италија и Словенија.

За првпат годинава ќе се одржи и работилница во организација на Скопски саем и Skopje Design Week на која ќе се говори за стратешко инвестирање во дизајнот од страна на македонските производители на мебел, што би претставувало формула за успех за извоз на македонски мебел.

„Конкуренцијата меѓу домашните и странските производители на мебел е голема, оттука дизајнот е клучот за освојување на нови пазари. На оваа работилница ќе се спојат македонските производители на мебел со дизајн секторот од тука и регионот. Потенцијалот на дизајн секторот е недоволно искористен. Станува збор за мртов капитал кој е подготвен да понуди знаење и експертиза на производителите на мебел за да бидат поконкурентни на пазарите,“ изјави Александар Велиновски, од Skopje Design Week.

Во соработка со Амбасадата на Кралството Шведска во РМ организирано е учество на шведска компанија, односно изложба под наслов „Сјајност“ на познатата шведска дизајнерка Александра Стратимировиќ. Ќе бидат изложени дизајнирани расветни тела по кои се препознатливи скандинавските земји.

„Производите се шведски дизајн на расветни тела кои имаат добиено многу награди во светот и во Шведска. Станува збор за пет водечки шведски компании кои соработуваат со дизајнери при што се изработуваат функционални светла со добар дизајн. Станува збор за парчиња кои можат да најдат место во дом или канцеларија,“ изјави креаторката Стратимировиќ.

Според податоците на Државниот завод за статистика, производството на мебел во јануари годинава е зголемено за 35 отсто во однос на истиот период лани. Извозот на мебел пак, лани бил 65,32 милиони долари што е за 11 милиони долари повеќе во однос на 2012 година кога изнесуваше 54,29 милиони долари.