Рекордна снежна бура во Москва, една жртва

Најмалку едно лице го загубило животот а петмина се повредени во снежната бура којашто ја зафати Москва, најсилната откако постојат вакви мерења во руската престолнина, соопштија во неделата градските власти и метеоролозите.

Во последните 24 часа во Москва нападнале 43 сантиметри снег, што е повеќе од половината од месечниот просек, соопшти националната метеоролошка служба. Метеоролозите предупредуваат на нови снежни врнежи во неделата со уште најмалку нови 20 сантиметри снег, а максимумот на врнежите го очекуваа за 15 часот по локално време, што ќе биде проследено со пад на температурата за дополнителни 10 Целзиусови степени.

„Едно лице загина по пад на стебло на електричен вод“, соопшти московскиот градоначалник Сергеј Собјанин, додавајќи дека инцидентот се случил во саботата, како и дека се повредени уште пет лица.

Московските власти соопштија дека бурата урнала 370 стебла на територијата на градот и издадоа предупредување за влошување на временските прилики проследени со ветер со брзина од 20 метри во секунда..

За справување со снежното невреме и расчистување на главните сообраќајници биле ангажирани 300 работници и повеќе од 80 специјални возила. Поради бурата доцнат или се откажани стотици летови од и кон Москва.