Рекордно ниво на Дојранското Езеро – Голема акција за чистење на хаварисаните чамци

Во рамките на законските надлежности, Општина Дојран и ЈКП „Комуналец – Полин“, започнуваат акција за расчитување на крајбрежјето во Стар Дојран.

Цел на акцијата, која ќе се спроведува наредниот период, е да се создаде почиста, поубава и здрава животна средина, настаната со целосното враќање на нивото на водата на Дојранското езеро.

Согласно предвидената динамика, акцијата ќе се спроведе во неколку фази кои ќе вклучуваат превентивни и репресивни мерки за отстранување на хаварисаните чамци и  други објекти долж крајбрежјето, чистење од вегетација и разни други отпадоци, реконструкција на оштетените делови на кејот и попесочување на дел од крајбрежјето.

dojran-zgolemeno nivo-1

Се планира и формирање на комунална редарска служба во рамки на надлежностите на општината, чија грижа ќе биде исклучиво Дојранското езеро и крајбрежјето и водење континуирана грижа за почитувањето на законските прописи за чиста животна средина.

Од општина Дојран известуваат дека почнувајќи од 1 март, ќе се отстрануваат сите чамци кои се оставени или потонати на крајбрежјето.

Оттаму апелираат со цел да се избегнат дополнителни трошоци и потешкотии, сопствениците на чамци, кои не се во функционална состојба или се усидрени надвор од законските прописи, најдоцна до 1 март да ги остранат или соодветно да се погрижат за нив.

dojran-zgolemeno nivo-2

Сопствениците на објекти на брегот на езерото или во езерото, кои не поседуваат соодветна документација писмено ќе добијат рок за нивно отстранување, а исто така ќе се направи контрола врз концесионерите на плажите за евентуални недостатоци или пречекорувања на договорите за концесија.

Екипи на општината и јавното претпријатие ќе вршат контроли на состојбата, а утврдените прекршоци ќе се документираат и фотографираат и ќе се отстрануваат.

Од општината апелираат граѓаните активно да земат учество во спроведувањето и реализацијата на оваа акција.