Рекордно производство на опиумски афион во Авганистан

Одгледувањето на опиумски афион во Авганистан достигна рекорд оваа година, се наведува во најновиот извештај на канцеларијата на ОН за борба против наркотици и криминал (УНОДЦ).

Подрачјето насеано со опиумски афион изнесува 224.000 хектари во 2014, што е за седум отсто зголемување во однос на минатата година.

Една година по соборувањето на талибанскиот режим, во 2002 година имало 74.000 хектари насеани со таа култура.

Наспроти американските и меѓународни програми за сузбивање на одгледувањето на опиумски афион, дошло до огромно зголемување на насеаните површини во јужните и западните делови на Авганистан, вклучувајќи го подрачјето каде што се наоѓаат радикалните талибански упоришта.