Ректорската управа ќе расправа за студентските избори

Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска на вонредна седница ќе расправа за случувањата околу изборот на нов студентски лидер.

Во петокот Ректорот во заминување Велимир Стојковски упати писмено соопштение во кое што изрази загриженост и побара од Студентскиот парламент детално објаснување за сите околности и случувања поврзани со студентските избори.

Длабоко сум загрижен од информациите кои беа објавени во медиумите за случувањата со студентските избори, кои беа под секое достоинство, како и употреба на полициски сили со оклопни возила во академски студентски избори. Поради тоа, упатувам апел до сите студенти, членови на СПУКМ, членови на Студентскиот пленум, членови на студентски иницијативи и други форми на организирање на студентите, за воздржаност од било какви активности кои дополнително би ја усложниле ситуацијата, што би можело да доведе до сериозни последици од повеќе аспекти, вели Стојковски во соопштението.

Притоа се потсетува и дека Универзитетскиот сенат на конститутивната седница одржана на 27 јуни формирал комисија за измена на Статутот на УКИМ во делот кој се однесува на студентското организирање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.