Ременски: Надзорот во Сојузот на слепи е законска обврска, не е поврзан со изборите

Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски ги отфрла тврдењата на Националниот сојуз на слепи лица дека надзорот за нивното финансиско работење е од политички причини и во контекс на изборите.

Ташевска Ременски денеска на прес-конференција рече дека  иако било побарано, од Националниот сојуз на слепи досега не доставиле ниту еден документ за финансиското работење што било предмет на надзорот, на барање  на Антикорупциската комисија. Поради тоа, како што наведе, МТСП во петокот се обратиле до Државниот завод за ревизија и побарале ревизијата  во Сојузите да биде направена преку Министерството за финансии.

За предметот, како што рече, за злоупотреба на финансиски средства од страна на претседателот на Сојузот на слепи лица на РМ, скратување на помошта на државата за членките на Сојузот, суспендирање на органите на Сојузот и многу други нерегуларности, Државната комисија за спречување на корупција од август лани до МТСП доставило четири дописи со барање за итно постапување. До Министерството, исто така, пристигнале две дополнителни писмени пријави и седум електронски поплаки од општински здруженија, членки на Нацоналниот сојуз на слепи и на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица кои, тврди Ременски, заради притисоците од претседателот побарале да останат анонимни. Со тие документи, наведе, се потврдувало дека националните сојузи не ја исполнувале својата законска обврска за префрлање финансиски средства до членките на Сојузот.

Одговарајќи на новинарски прашања Ташевска-Ременски рече дека прашањето на надзорот во ниту еден случај не смее да се поврзе со изборите затоа што, потенцира, МТСП има законска обврска и право да спроведува надзор.

– Комисијата беше формирана исклучиво за надзор над финансиското работење на Националниот сојуз на слепи, којшто, за жал не се спроведе и останавме во неможност по вторпат да одговориме на барањата на Државната комисија за спречување на корупцијата и на самото Министерство, рече Ташевска Ременски, која тврди дека Комисијата била избркана без никакви аргументи и со груби навреди.

Во однос на тврдењето од Националниот сојуз дека нестручни лица биле испратени за надзорот, ресорната министерка наведе дека Комисијата е составена од долгогодишни вработени од соодветни сектори  надлежни исклучиво за финансиски прашања.

Според Ташевска Ременски, претседателот на Националниот сојуз на слепи изнесува груби манипулации затоа што, како што рече, не се барани лични досиеја ниту увид во некаква друга документација што не е поврзана со финансиското работење.

– Од овие причини секое истапување на претседателот на Националниот сојуз на слепи да зборува во име на сите членови и да обвинува за некакви притисоци  ги сметам за политички нарачана манипулација и обид за злоупотреба на хендикепот за цели кои не соодвејствуваат со програмските цели на Националниот сојуз на слепи лица на РМ. Наместо да бара извинување од друг ќе биде доблесно Жарко Салковски да им се извини на сите слепи лица во РМ и да не ги вовлекува во неговите лични битни за неодговорност, рече Ременски.