Ременски: ВМРО-ДПМНЕ да престане да го блокира Собранието, стечајците и работниците итно треба да добијат законски решенија и повисока плата

Граѓаните на Македонија, меѓу кои и оние кои што ве изгласаа, бараат од вас да не попречувате можноста за подобра егзистенција и достоинствен живот. Крајно време е да се откажете од тесно-партиските интереси и од партиската пропаганда, и да престанете да ги блокирате законските решенија кои што ќе им помогнат на две групи наши сограѓани, им порача во вторникот на колегите од ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката од владејчката СДМС, Фросина Ременски.

„Со вашите јалови дискусии во Собранието на Република Македонија за одбрана на криминалот и попречување на правдата, вие директно го блокирате усвојувањето на Законот за минималната плата кој ќе овозможи решавање и подобрување на стандардот на илјадници работнички семејства во Република Македонија“, рече Ремески.

Таа тврдеше дека Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, во јавноста познат како „Закон за стечај“, ќе ја реши „долгата егзистенцијална агонија“ на овие граѓани.

„Да ве потсетам што добиваат граѓаните на Република Македонија со овие два закони. Доколку уште не знаете, да ве потсетиме што добиваат граѓаните на РМ со овие закони: Со новиот закон за минимална плата илјадници работници во текстилната и кожарската индустрија во Република Македонија ќе имаат загарантиран минимален приход од 12.000 денари, наместо досегашните 9.000 денар“, додаде Ременски

Според неа, оваа мерка нема да била на штета на работодавачите, напротив, како што тврдеше Ременски, законот е усогласен и со работодавачите, и поддржан од синдикалните организации, а Владата ќе ги помогне работодавачите за исполнување и реализација на законските обврски од овој закон.

Појасни дека со предлог Законот за стечајците се опфатени околу 3.000 работници кои биле најмалку 15 години во работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата и работниците на кои им престанал работниот однос во претпријатие со доминантна сопственост на државата, по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, за период од 1995 година.