Реми на Арсенал, Венгер постави рекорд

Во последниот натпревар од 21-то коло од англиското фудбалско првенство и последен во оваа календарска година во неделата вечерта, Вест Бромвич Албион и Арсенал во Бирмингем одиграа 1:1, но менаџерот на лондонските „топчии“ Арен Венгер го собори рекордот на легендарниот водач на Манчестер Јунајтед, сер Алекс Феругсон.

Арсенал поведе во 83 минута кога Џејмс Мекклин постигна автогол, но ВБА од пораз се спаси на минута пред крајот кога Џеј Родригез реализираше пенал, за кој гостинските играчи сметаа дека е непостоечки и остро протестираа. Имено судијата Калам Чемберс процени дека Кјеран Гибс играше со рака обидувајќи се да ја исфрли топката.

Арсенал остана петти со дури 21 бод помалку од водечкиот Манчестер Сити, додека ВБА е претпоследен со само 16 бодови.

Но натпреварот ќе се памети по рекордот на тренерот на Арсенал, Французинот Арсен Венгер, кој по 811-ти пат ја водеше екипата во Премиер лигата со што го мина легендарниот сер Алекс Фергусо, кој Манчестер Јунајтед го водеше на 810 дуели. Фергусон денеска го слави 76-от роденден, а последниот натпревар на клупата на „црвените ѓаволи“ го имаше токму на стадионот на ВБА.

Венгер досега има постигнато 468 победи, 198 ремија и 145 порази, а со Арсенал има освоени три титули англиски шампион и седум трофеи во ФА Купот.