Свет

Ренци вечерва ќе поднесе оставка

Ренци вечерва ќе поднесе оставка
Италијанскиот премиер Матео Ренци најави дека вечерва ќе му ја врачи својата оставка на функцијата на претседателот на Италија, Серџо Матарела.

Тој ваквата најави ја даде откако италијанскиот Парламент го усвои државниот Буџет за 2017 година.

Повлекувањето на Ренци од функцијата доаѓа три дена по референдумот на кој Италијанците ги отфрлија уставни реформи што ги предложи неговата Влада.

Ренци уште во понеделникот ја понуди својата оставка, но тогаш Матарели го замоли да остане на премиерската функција се додека Парламентот не го усвои буџетот за 2017 година, со цел да се спречи стапувањето во сила на вонредни финансиски прописи на 1 јануари.

Ренци уште пред референдумот најави дека ќе поднесе оставка ако граѓаните не ги поддржат уставни промени. Уставните реформи имаа за цел зајакнување на централната власт и радикални промени на Парламентот со намалување и ограничување на моќта на Сенатот.

Ренции по објавувањето на прелиминарните резултати од референдумот изјави дека презема целосна одговорност за поразот.

На гласањето во неделата за реформите се изјаснија 41 отсто од гласачите, додека 59 проценти беа против.

Пред средбата со претседателот, Ренци за својата одлука го известил и раководството на неговата Демократска партија (ПД).

Римските медиуми пишуваат дека заминувањето на Ренци остава политичка криза, затоа што се уште не е јасно како ќе се развуваат понатаму работите.

Ренци предлага да се одреди привремен премиер до следните изборите или веднаш да се одржат предвремени избори. Доколку не се оди веднаш на избори, тој предлага формирање на „влада на националното разбирање“ во која покрај ПД би биле вклучени и неколку други партии.

Претседателот Матарела, според медиумите во Рим, е противник на предвремени избори.

Против предвремени избори е и партијата Форца Италија на Силвио Берлускони, но на итни избори инсистираат Северната Лига (ЛН) и популиситичкото Движење Пет Ѕвезди (М5С), кои сметаа дека „победиле на референдумот“ затоа што агитираа против уставните реформи.

До крајот на редовниот мандат на актуелниот Парламенет има уште 14 месеци.