Реновирана куќата на Жеревци во Прилеп

Староградската куќа на прилепското семејство Жеревци, која е заштитена со закон и стара 115 години, комплетно е реновирана.

Реновирањето е дел од владиниот проект за зачувување на староградската македонска градителска традиција.

 – Проектот на Владата за санација на фасадите на старите куќи е за да се сочува традицијата на старата градска архитектура која се отсликува на оваа фасада од куќата на прилепското семејство Жеревци. Се сочувува и кованата ограда која се вклопува во комплетниот изглед. Нова е покривната конструкција, целосно е санирана фасадата за да се зачува орнаментиката. Многу ми е драго што оваа куќа си го врати својот сјај како карактеристична архитектура на градот, изјави министерката за култура Елизабета Канческа – Милеска, која денеска го посети овој објект, пренесува МИА.

Таа нагласи дека за обнова на куќата на Жеревци се одвоени 3,8 милиони денари и најави дека Министерството за култура во соработка со Прилепскиот музеј продолжува со санација на фасадите кои треба да се реставрираат.

– За обнова на куќата на Жеревци се издвоени 3,8 милиони денари. Огромен е бројот на фасади во целата држава што се обновени. Досега се реставрирани 30 проценти од предвидените објекти, а проектот трае до 2018 година, истакна министерката Канческа – Милевска.

Министерството, како што рече, дава поддршка и за обнова на куќата во која е сместен прилепскиот Катастар, а која е заштитена со закон. Во изготвувањето на проектот ќе помогне Прилепскиот музеј.

Куќата на Жеревци, според сегашниот сопственик Александар Жеревски е градена од неговиот дедо Даме во 1900 година.

– Даме Жерев ја градел куќата во 1900 година. Многу сме благордарни на Министерството што ни ја прифати молбата да се реконструира куќата. Сега таа го краси Прилеп, изјави Александар Жеревски.

Според директорката на прилепскиот „Завод и музеј“ Гордана Данилоска Спироска, во Прилеп има останато околу 10 автентични куќи како културно наследство.

– Има десетина куќи во Прилеп кои се задржале како такви и не го измениле ликот со времето. Оние што се променети го загубиле статусот на културно наследство поради интевенцијата на сопствениците, рече Данилоска Спироска.

За прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, локалните власти континуирано соработуваат со Министерството за култура за реконструкција и на други објекти како заштитено културно наследство.

– Продолжуваме да реконструираме и други објекти кои се од културното наследство, важни за Прилеп. Се реконструираа Могилата, Градскиот часовник, Участакот, нагласи Ристески.

Во следниот период треба да се реновира и куќата на Шишковци во централното градско подрачје на Прилеп.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.