Реновираниот блок на студентскиот дом „Гоце Делчев“ ги прими првите станари

Студентите ги добија клучевите од реновираните соби од блокот Б во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Современо опремени соби со кујна, нови тоалети, подови и бежичен интернет. Решен е и проблемот со парно греење. До највисоките катови ќе стигнуваат со нов лифт. Студентите велат дека се повеќе од задоволни. Условите за живот драстично им се променети и тоа за нив е мотив за да напредуваат образованието.

Некогаш синоним за лоши услови за домување, денес вистински дом за студентите. Блокот Б од „Гоце Делчев“ ги прими првите станари. Meѓу нив беше и Томислав Анастасовски, пренесува МРТ.

Анастасовски се всели во комплетно нова соба опремена со нов мебел, кујна со фрижидер, бежичен интернет, нови подови, тоалет. И радијаторите беа топли. Томислав вели дека ова место е непрепознатливо. За него ова е мотив за да напредува во своето образование.

И неговите колеги побрзаа да се вселат во комплетно реновираниот студентски блок. До највисоките  катови стигнаа со новиот лифт. Со санацијата на блокот Б се сменети сите прозорци, бојадисани се и ѕидовите, на секој кат бањите се комплетно опремени.

Студентите ќе учат во нови простории и библиотека. Надлежните целат дека нема да застанат тука. Планот е целиот студентски дом да добие комплетно нов лик.

Овој блок располага со 120 соби со околу 300 легла. 32 се еднокреветни, а 8 се наменети за брачни двојки.