Реновирано средно училиште во Богданци

Средното училиште „Богданци“ во Богданци е реновирано во рамки на УСАИД проектот за меѓуетничка интеграција во образованието кој финансиски беше поддржан од Владата на САД преку Европската команда на американската војска, пренесува МИА.

До сега проектот помогна на 35 заедници во напорите да ги подобрат училишните објекти овозможувајќи им достапност на ученици со посебни потреби.

– Импресивно е што се можеме да постигнеме кога работиме заедно. Обезбедувањето помош за луѓето од Македонија преку вакви проекти е еден начин на кој можеме да го зајакнеме нашиот однос со вас и да работиме заедно за да поттикнеме и изградиме меѓуетничка интеграција во вашата заедница и во целата земја, рече Џенифер Форд воздухопловно аташе во амбасадата на САД во Скопје.

Градоначалничката на Богданци Анастасија Олумчева изрази благодарност за учеството на средното училиште „Богданци“ во Проектот во кој повеќе од 250 ученици беа дел од креативните работилници организирани со етнички мешани групи, а 260 ученици учествуваа во Дебатниот клуб.

Проектот е четиригодишна иницијатива вредна 5,2 милиони долари чија што главна цел е да обезбеди повисоко ниво на свест кај луѓето, обуки за разновидност, техничка помош и стимул за училишните одбори, директори, наставници и претставници на администрацијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.