Реновирано училиштето Кирил Пејчиновиќ во Кисела Вода

Градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ, денес, заедно со генералниот извршен директор на АД „Цементарница-Усје“, Борис Хрисафов, изврши обиколка на ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ коe неодамна беше реновиранo.

Согласно потпишаниот Договор за донација меѓу општината и оваа компанија, како дел од програмата на Секторот за локален економски развој на општина Кисела Вода, во овој објект, беше извршена замена на старите и дотраени прозорци со нови, а потоа им се направи и опшивка со окапници. Дополнително, беа исчистени и сите 230 радијатори, на кои им беа заменети и вентилите, а потоа беше извршено и варосување.

Целокупната инвестиција е во вредност околу  22 000 евра, комплетна донација од „Цементарница-Усје“ АД Скопје, како дел од нивната програма за општествена одговорност. Во знак на благодарност за активното вклучување во развојот и унапредувањето на образовниот процес во општина Кисела Вода, градоначалникот Беличанец-Алексиќ му додели благодарница на генералниот извршен директор оваа компанија Борис Хрисафов.

pejc3

-Добрите практики на одговорно делување, кои АД „Цементарница-Усје“ ги покажува преку конкретни проекти, каков што е овој,во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, се значајна поддршка на општината во спроведувањето на мерките за подобрување на условите за живот и работa на сите наши жители. Преку обновата на објектот, се постигна не само подобрување на ликот на училиштето, туку и поголема примена на мерките за енергетската ефикасност, што е една од стратешките насоки на движење на оваа локална самоуправа. Значајно е компаниите да ја препознаат својата улога и можност за влијание во развојот на општеството. Токму затоа и благодариме на АД „Цементарница-Усје“ и се надеваме дека дека таа ќе продолжи со континуираната политика на одговорно корпоративно општествено работење-истакна градоначалникот Беличанец-Алексиќ, доделувајќи ја благодарницата.

Генералниот директор на АД “Цементарица-Усје” потенцираше дека добрата соработка што ја има со општина Кисела Вода преку реализација на различни проекти ќе продолжи и во наредниот период.

pejc4

-Еден од приоритетите на “Цементарница-УСЈЕ” е учеството и реализацијата на активности од општ интерес. „Партнерство со училиштата“ е проект чија цел е зголемување на здравјето и безбедноста на децата во градинките и училиштата во општината Кисела Вода, на кој ние,како компанија сме посветени веќе шест години. Една од последните активности во рамките на проектот е и замената на 40 дотраени прозорци со нови енергетски ефикасни во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“.  Со оваа донација од околу 1 милион денари и волонтерскиот труд на вработените од Цементарница УСЈЕ,  значително се подобрени условите во училиштето, а енергетската ефикасност е подигната на високо ниво. Продолжуваме да работиме на реализација на вакви проекти во партнерство со општината, а во насока на подобрување на условите за престој на децата од предучилишна и училишна возраст во нашето соседство- истакна Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница Усје АД Скопје.

Директорот на училиштето Сашо Јованоски, за време на разгледувањето на објектот, информираше и за останатите активности кои во изминатиов период се случуваат во училиштето. Меѓу нив и за новата училишна веб страница која ја изработија учениците заедно со своите наставници. Посетата беше заокружена со покана до градоначалникот Беличанец-Алексиќ и до генералниот директор на АД Цементарица-Усје Хрисафов за присуство на свеченоста по повод 70 годишнината од постоењето на ООУ “Кирил Пејчиновиќ”, која е закажана за 19 март.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.