Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со апел до учесниците

Фактите говорат дека во Република Македонија постои тренд на намалување на бројот на загинати и повредени во сообраќајни несреќи:  Во 2014 година споредбено со 2013 година бројот на загинати е намален за 74. Оваа година според досегашните податоци го следи нивото и динамиката од претходната, односно досега, во овие три месеци 23 лица го загубиле животот во сообраќајни несреќи.

Сообраќајните незгоди кои што се случија изминатата недела уште еднаш го потврдуваат фактот дека за жал токму пешаците и младите возачи се најризични и најзагрозени улесници во сообраќајот на патиштата.

Во Република Македонија околу 25 % од вкупниот број на жртви во сообраќајни несреќи се пешаци. Во изминатата 2014 година од 124 лица загинати во сообраќајни несреќи 35 се пешаци. Оваа година, 2015,  од 23 загинати лица 7 се пешаци.

За Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, секој загубен човечки живот во сообраќајна несреќа е ненадоместлива загуба за семејството и за општеството.

Оттаму апелираат до пешаците:

-Внимателно и одговорно да се однесуваат во сообраќајот

-да ја преминуваат улицата исклучиво на пешачки премин,

-да поминуваат исклучиво на зелен пешачки семафор

-пред да ја поминат улицата  задолжително да погледнат на двете страни од улицата и внимателно да проценат дали се во состојба безбедно да ја преминат улицата

-доколку се колебливи,  подобро да почекаат некој нареден момент во кој ќе бидат сигурни дека можат безбедно да јапоминат улицата.

Посебен апел упатуваат до повозрасните граѓани: да внимаваат и да ги почитуваат сообраќајните правила при учеството во сообраќајот, движењето и преминувањето на улица.

Тие упатуваат апел и до возачите,  посебно до младите и помалку искусни возачи,  да бидат внимателни во сообраќајот, бидејки брзото возење убива.  Управувањето на моторно возило, воланот во рака  е висока одговорност, која бара смиреност, карактер, знаење.  Агресивното однесување во сообраќајот е потенцијално убиство.

„Бидете внимателни и однесувајте се одговорно во сообраќајот. Затоа што сообраќајот не е игра!“, апелираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.