Републичкото здружение на социјални работници ја поздрави одлуката на Владата за зголемување на социјалната помош

По објавата на министерот за труд и социјална политика Диме Спасов дека од вчера социјалната помош е зголемена за пет отсто денеска со позитивна реакција се јави и Републичкото здружение на социјални работници.

Тие ја поздравија одлуката на Владата за грижата што ја води за социјално ранливите категории и за подобрување на нивниот стандард.

Зголемувањето на помошта и субвенциите за плаќање на електрична енергија за семејствата кои имаат деца вклучени во средното образование, можноста за обуки, преквалификации, доквалификации  се добар начин за да им се помогне на овие семејства и граѓани кои се во социјален ризик. Секое покачување на социјална помош или парична помош се одразува на заштитата и  стандардот на социјално загрозено население. Без разлика дали се работи за работоспособно или неработоспособно население, истакна претседателот на  Републичкото здружение на социјални работници Гоце Прцуловски.

Тој посочи дека  сите дополнителни средства кои ги добиваат оваа категорија на граѓани се добредојдени за нив.

Министерот Спасов вчера истакна дека паричните средства во износ од 59 милиони денари за исплата на социјална помош се веќе обезбедени и со ова зголемување почнувајќи  од 2006 година па до сега социјалната помош е зголемена за 70 проценти.

Тој најави дека до крајот на месецот ќе биде исплатена и ветената постојана парична помош со зголемување од пет проценти. Станува збор за  средства во висина од 17 милиони денари, обезбедени од државниот буџет.

Спасов потенцираше политиката на Владата за грижа на социјално ранливите категории ќе продолжи и во иднина и најави дека во декември со ноемвриската пензија ќе биде исплатено ветеното зголемување на пензиите за пет отсто.