„Република“: Еве што се разговарало на средбата Црвенковски – Заев

Денеска околу 10 часот во канцеларијата на Бранко Црвенковки се одржала средба, за што на денешниот настап лидерот на СДСМ Заев одби да коментира.

Доброупатени извори велат дека причината заради која од СДСМ не сакаат да даваат повеќе детали за средбата е што таа не поминала како што посакувал Заев и дека на моменти во бранковистички стил Заев добил одговори кои го оставиле со полуотворена уста, незадоволен, но и дека имало и по некои моменти за тензија, пишува „Република“.

Во полчасовниот разговор Црвенковски го одбил Заев да настапат заедно на одбележување на таканарениот црн понеделник, радикалната понуда до албанскиот политички блок на овие избори ја оценил како лажна и го предупредил да не прави штета со излетувањата дека Заев ќе ја формирал владата со објаснение дека тоа не било во овој момент реално да се очекува.

Едно од главните барања на Зоран Заев или подобро кажано неговата отворената молба до Црвенковски била да помогне околу лобирањето на албанските партии да размислат да коалицираат со СДСМ и со него. Црвенковски истакнал дека силите во албанскиот блок партии веќе одамна не се исти и дека е немоќен да помогне за какви било замолници и сугестии до Албанците околу коалициите за извршна власт.

Заев  убедувал дека иако е свесен дека ВМРО-ДПМНЕ освоила повеќе гласови, тој сакал да се обиде прв да стигне до 61 потпис како гаранции за добивање на мандатот. Црвенковски возвратил дека тоа е тешко остварливо сценарио и го советувал Заев попусто да не се надева на вакво одвивање на настаните, затоа што реалноста и правните факти не се на негова страна. Појаснил дека иако во пракса членот од Уставот бил прилично фрчковистички нејасен досега мандат добивала партијата која имала мнозинство пратеници од вкупниот број пратеници во Собранието, но дека и кога тоа не би било случај, претседателот на државата мандатот би го дал на партијата која има најголем број освоени гласови.

Заев инсиститрал дека овој пат добил гаранции од дел од меѓународните медијатори дека тој ќе го доби мандатот за состав на идна извршна власт, на што Црвенковски одговорил дека тоа многу не му врши работа бидејќи народот се изјаснил поинаку, и дека многу веројатно ВМРО-ДПМНЕ да дојде до 61 пратеник.

Заев се пофалил пред Црвенковски дека засега има поддршка од партијата БЕСА, на што од Црвенковски добил коментар дека која било владина коалиција која ќе добие поддршка од Беса ќе биде осудена, и притоа бил зачуден што на ваков нејасен став каков што има Заев кон потенцијалните коалициони партнери не се сеќава во својата пракса како претседател на СДСМ.

Станало збор и за прегласувањето во Теарце, а ставот на Црвенковски бил дека е налудничаво да се помисли на можна промена во мандатите, но дека е легитимно право на Заев да се надева.

Особено била интересна дискусијата околу тоа кој имал подобар резултат на избори од двајцата претседателит на СДСМ. Иако Заев инсистирал дека овие избори се најдобар резултат на СДСМ, Црвенковски го потсетил на големата победа на партијата во 2002 година кога биле освоени 498 илјади гласови, и му споменал дека тогаш цената била прифаќање на ДУИ како коалиционен партнер, а дека сега не сакал ни да помисли ниту пак да знае која е сегашната цена за продорот на Заев кај албанското гласачко тело.

05-zaev-i-crvenkovski-za-prva-520x299

На забелешките од Заев дека Бранко не бил доволно активен со подршка за СДСМ во предизборието Црвенковски му одговорил дека на своја одговорност во предизборниот молк лично се обратил на своите членови во органите на СДСМ со молба да го дадат својот глас за СДСМ а не да апстинираат или поништуваат гласачки ливчиња. Со повисок тон му заржал на Заев дека тоа го направил за СДСМ, а не за него или Заев, и додал дека по прегласувањето во Теарце му е јасно дека т.н. бранковисти ќе се повторно виновни за поразот на СДСМ и дека Заев ќе се обиде да го одбегне својот дел од одговорноста за неформирањето на влада.

Во разговорите помеѓу Заев и Црвенковски станало збор и за отворениот судир кој постои во партијата на двете големи крила. Заев посочил дека не наишол на соработка иако лично понудил добитни пратенички места на четири поранешни пратеници од составите на Црвенковски. Црвенковски ладно му одговорил дека тој немал никаква информација на кого му е понуден пратенички мандат, а уште помалку знае кој и зошто го одбил Заев и дека нема влијание во одлуките на индивидуалците кои пак сметаат на негово враќање.

Заев побарал од Бранко јавно да му честита за резултат, на што Бранко го одбил, и додал дека ако победата е чиста тогаш кога ќе се увери и ќе ја честита. Црвенковски го предупредил Заев дека премногу се расфрла со информации и пофалби дека тој ќе формирал влада, затоа што разочарувањето кај членовите би било големо кога тоа нема да се случи.

Црвенковски рекол дека радикалните понуди од Заев кои биле доставени до албанското гласачко тело биле погрешни бидејќи станувало збор за лажна понуда, а не пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ и дека малку фалело да излезе во јавност и да го соопшти својот став дека оваа политика на СДСМ не е политиката која тој ја водел, но не го направил тоа поради партијата.

На крајот Црвенковски го одбил Заев денеска заедно да се појават на прес-конференцијата пред Собранието.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.