„Република“: Хаос во СДСМ- Заев и Шекеринска во спор кој да биде кандидат за премиер

На неколку часа пред истекот на рокот за поднесување на листите со кандидати за пратеници до ДИК, во опозициската СДСМ владее вистински хаос. Партиски извори за Република откриваат дека од една страна има големо незадоволство меѓу членството за имињата кои беа објавени дека ќе се најдат на листите, а од друга страна има несогласувања меѓу претседателот и потпретседателката на партијата за тоа кој да биде кандидат за премиер.

Како што анализира Република, за поголемиот дел од СДСМ извесно е дека потпретседателката на партијата Радмила Шекеринска ќе биде кандидатот за премиер. Партиски извори потврдуваат дека шансите за смена на оваа одлука се минимални, а информациите дополнително ги потврдува и фактот што откако ова беше објавено во медиумите досега не беше демантирано од СДСМ.

Во меѓувреме, се продлабочуваат и кавгите околу составот на пратеницките листи. По повлекувањето на Митре Велјановски и физичката пресметка на членството со актуелниот пратеник во Кочани, од партијата говорат за уште вакви случаи.

„Од листата се повлекол и Нано Ружин, а уште неколку други кандидати за пратеници што се најдоа на листите, кои ги објавија порталите блиски до партијата, најавиле свое повлекување со образложение дека не сакаат да бидат искористени како алиби од раководството за сѐ поочекуваниот двоен пораз на изборите. Тие му замеруваат на раководството што не ја делат одговорноста за резултатот на изборите заеднички и што не се дел од пратеничките листи. Револт има и поради тоа што на листите се најдоа луѓе кои се сметаат за продолжена рака на раководството. Особено незадоволство било изразено од кандидирањето на струмичкиот пратеник Панче Орцев кој важи за близок до Заев за кого во јавноста беа обелоденети бизнис релации на неговото семејство со општина Струмица и Заеви“, пишува Република.

Според порталот, не помал бил револтот во базата и од кандидирањето на Бетијан Китев кој исто така загуби на локалните избори во Кавадарци, но најголемо незадоволсво имало поради кандидирањето на носителите, особено за за носителот на листата во ИЕ4 Хари Локвенец кој веќе еднаш се испроба на избори и загуби убедливо од Марјан Ристески на минатите избори.

Сличен бил револтот и од кандидирањето на Васко Ковачевски од Битола и Марјанчо Николов кој како истурени играчи на СДСМ имаат забележано неколкукратни порази.

„Неизвесноста околу кадровскиот состав на листите останува до самиот крај, односно до вечерва кога е и последниот рок за предавање. Дека работите не се одвиваат како што треба укажува и фактот што СДСМ иако ги објави листите на ним блиските портали, истите ги нема официјализирано на нивната веб страница. Заев мирот пробува да го купи со составување на влада во сенка доделувајќи повеќе функции. Па така извори потврдуваат дека една фунција се случувало да ја понуди на двајца или на повеќе луѓе“, пишува порталот.

Република открива дека министерското место за правда во владата во сенка било понудено и на Шилегов, но и на адвокатот Мирослав Вуиќ. За евроинтеграции се споменуваат и Лидија Димова и Ана Павловска Данева, но викаат дека таква понуда стигнала и до Каролина Ристова Астеруд. Процесот на избор не е завршен додаваат извори од партијата.

„Заев се наоѓа во незавидна позиција. Пендаровски му замерил на лидерот дека го пуштаат потполно сам на митинзите и дека наспроти владеачката ВМРО ДПМНЕ која излегува организирано и единствно, СДСМ покажува неединство. Тој исто така замерил што од СДСМ не се потрудија да напишат било каква програма за претседателските избори како би можел да изгледа поубедлив нивниот настап“, пишува Република.

Сите извори упатуваат на тоа дека подготовките во СДСМ не се за победа, туку подготвување на терен за преживување на сѐ поизвесниот двоен пораз.