Република Македонија под уставно име во учебник на грчки универзитетски професор

Алексис Хераклидес е професор по меѓународни односи и решавање на конфликти на катедрата за политички науки и историја на државниот грчки универзитет „Падион”, а на студентите им предава од учебникот именуван како „Анализа и решавање на конфликти” чиј е автор е лично тој.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, токму ставовите на авторот во однос на Македонија, застапени во учебникот, а особено фактот што не именува под уставното име, се повод за жестоки критики на адреса на професорот, упатени од националистичкиот весник „Неделен слободен час”.

„Очигледно, за студентите успешно да го положат испитот по овој предмет, треба да напишат дека Скопје е Република Македонија или дека Грците се нација која што напаѓа друга нација претворајќи ја во непријател за да преживее, како и тоа дека Грција е окарактеризирана со непопустливост, затоа што не дозволува Скопје да се нарекува Македонија”, се вели во коментарот на весникот.

Во продолжение на текстот се издвојуваат неколку цитати од трудот на професорот во контекст на актите што Грција ги врши врз другите нации и негативниот имиџ на земјата како последица од тоа.

„На пример, за Грците е апсолутно неверојатно да прифатат дека се нетолерантни, агресивни и арогантни – како што на нив гледаат Турците, Албанците или граѓаните на Република Македонија. Постоењето на „другите“ како непријатели е од витално значење за одржување на нашиот идентитет. Мирот не е толериран, затоа што целиот наш идентитет е конструиран врз основа на демонизација на „другите“ , се вели во текстот на 38 ма и 80 та страница од учебникот.

Весникот го критикува Хераклидес дека со својата книга наводно водел кампања за перење мозоци во корист на Македонија, извртувајќи ја наводната историска вистина, нагласувајќи дека книгата била одобрена и од Министерството за образование и од Универзитетот.

Му забележуваат и за претходно објавените натписи, во времето на владата на Коста Караманлис во кои што тој меѓу другото советува дека единствен начин за продолжување на разговорите за името е преку директни разговори, без посредство на Нимиц.

„Очигледната златна средина да биде постигната взаемно, без победници и губитници”, напишал професорот пред неколку години и тогаш за него златната средина била една од трите алтернативи – Северна Македонија, Нова Македонија или Македонија но со македонски изговор.

Притоа, вели дека Грција треба јасно да го признае постоењето на одделна нација и јазик, што е спротивно на нереалната позиција што владата на Караманлис меѓународно ја презентира.

„Единствено што преостана е Хераклидес на Скопје да му ја даде и грчката Македонија. Кога моментот ќе созрее односно кога Хераклидес ќе се ослободи од нашите предрасуди, нека го признае и името и јазикот и македонска нација во Скопје и потоа треба само да им се достави и остатокот од Македонија”, се вели во коментарот на весникот „Неделен слободен час”.