Република: Не се очекува нов предлог за решение на спорот за името

Не се очекува нов предлог за решение на спорот за името, нема ни најава за посета на Скопје и Атина од страна на медијаторот Нимиц кон крајот на октомври, можна е средба но во Њујорк, но и таа би била без конкретен предлог, вели за Република, висок дипломатски извор, во врска со шпекулациите кои се појавија на очигледно синхронизиран начин во дел од грчките и македонските медиуми.

Ваквите шпекулации кои се пуштаат преку грчките медиуми, според дипломатски извори кои инсистираа на анонимност, се дел од пошироката грчка стратегија за креирање на атмосфера за повторно купување на време во кое тие би симулирале дека имаат волја за придвижување во процесот, наспроти фактичката реална состојба во која Грција не само што е инертна, туку и отворено соопштува во дипломатските кругови дека отвореното прашање со Македонија за нив е на дното на агендата, пишува Република.

Нимиц е свесен за ова и иако има вистинска волја за динамизирање на процесот, држејќи го жив и отворен, не се исклучува во блиска иднина тој да ги покани на средба во Њујорк македонскиот и грчкиот претставник во разговорите, вели дипломатот за Република. Но притоа додава дека на таа средба не се очекуваат нови предлози, туку таа би била во функција исклучиво на држење под фокус на овој спор, посебно заради фактот дека западниот фактор не сака во оваа фаза да го изложува грчкиот премиер Самарас на дополнителни внатрешни проблеми.

И доколку е разбирлива улогата на грчките медиуми во бранењето на позициите на грчката влада, зачудува однесувањето на дел од македонските медиуми кои не само што се надоврзуваат на темите од грчките весници, туку и ги надградуваат и прошируваат. Најнова шпекулација е веста во опозицискиот весник „Слободен печат“ под уредништво на Бранко Геровски, во која се шпекулира за наводен нов предлог на Нимиц и за наводна содржина на предлогот. „Слободен печат“ се повикува на грчките весници како извор, а оваа вест набргу ја преземаат и ја шират сите медиуми кои се под контрола на опозицијата и Сорос фондацијата. Инаку не е прв пат оваа група на медиуми да се излетува и на ваков на чин да шпекулира на оваа тема. Последен пат еден од медиумите од оваа групација објави дека наводно прашањето на името ќе се решело во Берлин при последната посета на премиерот Груевски , а јавноста виде дека и два месеци по оваа посета прашањето е сеуште отворено, како што е отворено веќе 23 години.