Република: Опозицијата нема време за прашања од јавноста

Во опозицијата лежи бомба. Но таа не е во аферите, туку во недовербата во способноста на своето членство, па и во раководството, да се справат со прашањата на јавноста. Главната улога во опозицијата ја игра прес-центарот, со налог никој да не излезе во јавност, онака како што им порачал лидерот на последната партиска средба, пишува порталот „Република“. 

Напразни се обидите на „Република“ со недели и месеци изворно со слика и тон да го пренесат ставот на опозициските партии. Истите тие партии кои, нели, тврдат дека „немаат место да го искажат својот глас“, „дека новинарството е корумпирано“, дека „демократијата се огледа преку слободата на медиумите“.

Опозицијата бара техничка власт. Опозицијата го бојкотира Парламент. Но, опозицијата ги бојкотира и медиумите. Опозицијата заборава дека нивните ставови и барања мора да ги објасни пред јавноста. Да одговори на прашања пред целата јавност, не само пред „возљубеното членство“ на трибини. Бидејќи последиците од нивната стратегија ги засегаат и оние кои не веруваат во неа. Таа улога треба да ја одиграат раководствата на СДСМ, на ЛДП, на НСДП.

Во сите контакти до сега, раководствата на овие главни партии бегаат од соочување со критичката јавност. Особено од „Република“. За интервју во „Република“ „не е време“ ниту за Тито Петковски, ниту за Андреј Жерновски, ниту пак за раководството на СДСМ. „Борците за демократија“ забораваат дека токму во демократијата времето за прашања и за одговори го определува јавноста, а не политичарите.

На пример, да објаснат колку „бомбите“ без програма се вистинската насока? Ќе се „крчка“ ли „бомбата“ додека трае мандатот на Заев? Колкав е притисокот од избраниците? Што значи повик за опстојување на бојкот од лидери во градоначалнички фотељи? Конечно, ќе има ли политичка понуда, програма, „влада во сенка“? До кога ќе се користат верзии од стратегијата „Надеж“?

Искуствата велат дека главниот збор го имаат доскорешните новинар(к)и кои сега работат во прес- центарот на СДСМ. Таму дословно се проследува наредбата од лидерот „никој да не збори“ со медиумите. Ако и се прогледуваше низ прсти за „своите медиуми“, последниот случај со гостувањето на Генералниот секретар Оливер Спасовски во „24вести“ заврши со јавен линч над новинарката Душица Мрѓа. Се дрзнала. Прашувала работи „како да е партиски стратег“. Тоа било недозволливо, непрофесионално, неетички…

Неколку дена подоцна, новинар од „Република“ телефонски (претставувајќи се по име, но не и со медиум) го побара партискиот секретар Спасовски за интервју. Спасовски, немаше пречка ниту со термин, ниту со место. Сè додека не слушна дека треба да дојде во просториите на „Република“. Посочи на „протоколарно барање до прес центарот“ за по неколку минути од таму да се јават доскорешни коле(ш)ки за да го откажат интервјуто. И тоа, со обзирност кон медиумот дека „ќе ви биде депласирано, сега беше во 24вести, а ќе оди и кај Мухамед Зекири“. И Спасовски потоа сам се негираше.

„Република“ искрено благодари за грижата на СДСМ за тоа дали некоја содржина ќе биде „депласирана“. Во меѓувреме, нека пресмета колку обиди има од нив кон „Република“ да ја сместат како „антиопозициски медиум“. Иако по реакциите кон Душица Мрѓа тоа сега е комплимент.

Тоа што останува неспорно е дека за секој нов број на неделникот „Република“ до сега бил оставан простор за  опозицијата. Нејзини членови биле повикувани на интервју како новинарска форма со која- ете, и доколку се има сомнеж- најизворно се пренесуваат речениците на соговорникот. Било тој и да е од „опозиција“ или од власт. Кажаното поминува само низ лекторскиот филтер, што е и законска обврска.

Колку тоа и да ги изненадува во партиите на опозицијата, „Република“ имала и ќе има пријатели во нивните редови. Луѓе кои навистина имаат демократската свест. Политичари кои знаат што значи медиум и точно пренесени ставови. И кои знаат дека само преку медиумите, колку и да ги сметате за „непријателски“, пораката ќе допре до оние чиј што глас го бараат. Дури и помоќно отколку од некои телевизиски проекти на поддржувачи.