„Република“: Шекеринска призна, но сѐ уште не кажува со кого точно се среќавала во врска со аферата „Телеком“

Радмила Шекеринска вчера за првпат јавно ги призна информациите што произлегуваат од доказите доставени до судот во Њујорк за аферата „Телеком“ – дека како вицепремиерка во Владата на Владо Бучковски се среќавала со претставници на „Маѓар телеком“ или на грчките посредници од групацијата на Димитриос Контоминас, кои на рака ѝ предале закон подготвен во согласност со нивните интереси, пишува „Република“.
Целта на законот била да се спречи либерализирање на телекомуникацискиот пазар во Македонија, што Владата на СДСМ и на ДУИ и го испорача, спречувајќи влез на трет мобилен оператор во Македонија, и за што на раководствата на овие две партии им биле исплатени околу 12 милиони евра во мито.
Но, Шекеринска одби да одговори со кого точно од „Маѓар телеком“ или од групацијата на Контоминас се среќавала во врска со скандалозниот закон, место тоа обидувајќи се да ја префрли вината врз ВМРО-ДПМНЕ, партија што тогаш беше во длабока опозиција и која ја спроведе либерализацијата на телекомуникацискиот пазар, но и врз премиерот Бучковски во чијашто Влада служеше.
За аферата „Телеком“, и вашето име се споменува во сведочењето на Слободан Богоевски. Вие сте вицепремиер во периодот за кој зборува Богоевски. Зошто, ако сте имале сомнежи дека се случува нешто сомнително зад сцената, не сте проговориле јавно ? -Шекеринска беше прашана за средбите што ги имаше во врска со коруптивната афера.
Затоа што јас не сметав дека тие нудат нешто за таквиот гест, зошто на мене ништо не ми понудиле. Претпоставувам дека сфатиле дека чукаат на врата што вечно ќе им биде затворена -одговори Шекеринска додавајќи дека, сепак, такви средби со бизнисмени во врска со закони што им овозможуваат привилегирана положба биле стандардна практика во нејзината Влада.
Во Македонија имате постојано средби со бизнис-сектор, заинтересирани граѓански организации. Јас еве дури и се сеќавам на таа средба, документација за тоа постои во Владата. Власта ако имаше малку сомнеж досега десет документи ќе излезеа. Во ситуација кога тие го кажаа своето мислење, ние мислиме дека овој закон ќе биде во согласност со европските директиви, јас им кажав дека е фер што доаѓаат и јавно го соопштуваат тоа како нивни предлог бидејќи на сите ни е јасно дека тие се заинтересирана страна. И нашиот разговор заврши тука – изјави Шекеринска зборувајќи за обвиненијата поднесени од материјалите доставени пред судот во Њујорк.
За потсетување, во документ заведен како доказ пред судот, во спорот околу аферата „Телеком“, а подготвен за потребите на Атила Сендреј, пишува дека „Маѓар телеком“ во април 2004 година подготвил верзија на законот, која ќе им овозможела продолжување на нивната монополска положба во Македонија, и таа верзија ѝ ја предале на Шекеринска. Шекеринска и понатаму одбива да каже со кого точно се сретнала и кој ѝ го предал овој закон. Според обвиниението во Њујорк, јасно е дека „Маѓар телеком“ продолжил со добро разработена шема во која, на компанија на Кипар под контрола на Контоминас, ѝ биле исплатени милиони евра во фиктивни договори за божемни консултантски услуги, пари, кои потоа биле вратени во Македонија и поделени меѓу раководствата на СДСМ и ДУИ. За возврат, Владата на Бучковски и Шекеринска одби да спроведе либерализација на телекомуникацискиот пазар, иако тоа било директно барање упатено токму до Шекеринска, од страна на Европската Комисија. Влез на трет мобилен оператор, отворање на пазарот на интернетот и значително намалување на цените и подобрување на услугите се случи дури по падот на Владата на Бучковски и Шекеринска и доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во средината на 2006 година.
Во своето интервју, Шекеринска се обиде да ја префрли вината од Владата во која таа била дел врз ВМРО-ДПМНЕ, кое тогаш беше во опозиција и без можност сериозно да влијае на законските решенија, но и на неименувани лица внатре во Владата, веројатно алудирајќи на вина на Бучковски, на кого таа му беше заменик повеќе од две години.

 Неспорно е дека има инволвираност од луѓе од вашата влада -рече Попетревски, за набрзина да биде прекинат од Шекеринска дека„Tие имаат име и презиме. И тој што одговарал во постапка треба да пренесе одговорност во ваков скандал“.