Република Северна Македонија – експериментален глушец на Западот

Амбасадорот на Обединетото Кралство во Република Македонија , неговата екселенција Charles Edmund Garret, веднаш по обзнанувањето на договорот Ципрас – Заев (26:0) воскликна – Прекрасна вест!

Се отвараат перспективите на некои обезличени сурогат граѓани и сите останати што живеат во Република Македонија – Aлбанци, Tурци, Срби, Роми, Бошњаци и кои уште не за почеток на преговорите за влез во ЕУ и НАТО (?!)

Дали некој во Република Македонија воопшто слушнал за Брегзит?! Зошто британците гласаа за излегување од ЕУ?! Веројатно затоа што им беше прекрасно во унијата, па сега треба дебело да го платат излегувањето од неа.

Кај нас има една народна изрека која вели – баба ќе плати грош да се фати на орото, но ќе и требаат два за да излезе од него.

Македонските борци против фашизмот наместо кон Солун беа упатени кон Сремскиот фронт, а непокорните беа стрелани, други пратени на Срем, а трети во затвор. Причината зошто се случи тоа беше „сојузничката“ британска армија, која за цело време нескриено и несебично стоеше зад режимот во GR и секој обид да се тргне кон Солун, ќе значеше воен судир со сојузниците – со британската армија.

Голем број „експерти“ што се инсталирани во институциите на Република Македонија работат за разузнувачките служби на „големите демократски“ држави, така што воопшто не е чудно што бројни документи и белешки токму на таквите „експерти“ во македонските институции беа користени како доказ во процесите против Бошковски и Тарчуловски, или ставањето на Република Македонија на столбот на срамот во случајот Ел Масри.

Прекрасна вест?!

Дали се слушаат што говорат?! Република Македонија не е нивна авлија, никој од нив не може повеќе да ја сака оваа земја и нејзиниот просперитет повеќе од нас кои сме и се чувствуваме како македонци. Македонија не е Ирска, не е ниту Северна Ирска, не е ниту Јужна, ниту Северна Кореја, таа е Република Македонија. Неспорно е дека во ранлива држава, во држава без сериозни институции дури и ако се излезе на референдум гласовите може да се наместат, но никој не може да ни го одземе тоа што го носиме во душата, што е запишано во генетскиот код, дека сме македонци, а не некаков описен сурогат – граѓанин на Република Северна Македонија, што е помалку од постојното запишано во регистерот на ООН – националност, Македонци, јазик македонски.

Сепак со договорот Ципрас – Заев, не само што Солун ќе треба да го викаме Тесалоники, не ми доаѓа и стварно не знам како ќе ги викаме Д’мбени, Кожани, Куклиш, Воден…и како нашите граѓани што имаат турски тапии од имотите од кои беа протерани, ќе можат да ги остваруваат своите имотни побарувања, особено што согласно договорот извесната Северна Република Македонија, ќе мора во својот устав да напише дека нема да подржува никакви активности насочени кон вознемирување во Јужна Македонија како дел од GR, ниту ќе се интересира за оние што ќе се одважат и ќе се декларираат како македонци, макар и онака описно. Кој дипломатски претставник ќе се интересира доколку некој таков описен граѓанин биде приведен, притворен или затворен во институциите на GR. Белки нема за неговата судбина, за неговиот третман да се интересира амбасадорот на Тринидат и Тобаго?!

На сето згора и г-динот Хан го искара претседателот на Република Македонија за неговиот однос кон Заев и Димитров. Со кое право таму некој анонимус во својата земја, кој по клуч како награда се нашол во институциите на ЕУ, ќе држи лекции за тоа како треба да се однесува претседател на суверена држава кон прашања за кои според Уставот тој има и тоа како сериозни надлежности! После вакво безобразно понижување на институцијата претседател на државата, после манифестирањето на елементарно не почитување на суверената и независна Република Македонија, разумно би било Хан да биде прогласен за персона нон грата, бидејќи ако немаме достоинство самите да застанеме во одбрана на сопствените институции какви и да се тие од невоспитани политичари од типот на Хан, тогаш и не ја заслужуваме државата.

Сево ова отвара сериозна дилема, дали Република Македонија е држава во политички стечај, па услов за рестарт како нормална држава е регистрација под ново име, или функционираме како протекторат кој го водат странските дипломати, дури и невоспитани од лошиот калибар на Хан?!

Еве и да се случи некои да бидат описни сурогат граѓани од некоја измислена СРМ, ќе биде уште поинтересен процесот на нивно отчовечување, процес во кој ќе се менува историјата, барем онаа што ние ја учевме…во крајна линија не мора да засегаме во античката историја, ајде да видиме како оваа поновата ќе се пишува?! Што ќе пишува за причините и како ќе се објаснат балканските војни?! Како Илинденското востание може да биде и македонско и бугарско?! Како ќе се „исчистат“ гревовите на Грците со промената на топонимите на населените места; со депортацијата на стотици илјади македонски фамилии од кои, некои до денешни дни не се споени? Како ќе се опише Втората светска војна и окупацијата на Територијата на денешна Република Македонија од страна на фашистичка Бугарија?! Или спржувањето на селата и населените места од војската на GR, несебично потпомогната од британските сили?!

Да, имаме заедничка историја во која едните секогаш биле окупатори и зулумќари, а другите угнетени и поробени, од тоа никогаш нема да избегаат, впрочем за се има пишувани документи кои кога тогаш, ќе излезат на виделина.

Дали креаторите на договорот Ципрас – Заев (26:0) се свесни дека со таков договор не само што не и го решаваат проблемот на јужна Македонија во GR, ниту проблемите на Република Македонија, туку ја отвараат пандорината кутија. Дури ни ЕУ не може да претпостави што се може да се изроди како нус производ на тој таков договор.

За крај, довербата ја добиваат оние политичари што ќе ја заслужат, оние што ќе опстојат на дадениот збор, на јавно искажаните ставови и ветувања. Никој нема бланко глас од граѓанинот, тој мора да се заслужи.

Во многу мои колумни го имам критикувано претседателот Иванов, но овој пат, искрено го поддржувам да ја одигра играта како вистински претседател на суверена држава до крај, како што вети.

П. С. Должен сум да објаснам зошто во колумната кога говорам за договорот Ципрас – Заев стои 26:0.
Затоа што веднаш по обзнанувањето на тој договор, медиумите во Јужна Македонија, исто како и тие во GR, излегоа со коментар дека GR извојувала победа со договорот во 26 точки. Да јасно е дека и тоа е популизам за нивни потреби, но за нулата на нашата страна е затоа што тука во настојувањето да се убеди македонската јавност дека нешто е искамчено со договорот, премиерот Заев користи аргументи што не се од сега и не произлегуваат од тој договор. Дека сме македонци по националност и денес стои во регистерот на ООН, исто како што стои дека јазикот што го говориме е македонски, тоа се факти запишани уште во седумдесетите години од минатиот век и не се новина што произлегува од овој договор кој претседателот Иванов многу убаво го опиша, како политичка дивоградба.

Автор: Воислав Зафировски за НетПрес