Свет

„Републикански марш“ против тероризмот во Париз

„Републикански марш“ против тероризмот во Париз

Во Париз денеска ќе се одржи „Републикански марш“ на кој голем број светски лидери и обични граѓани ќе дефилираат предводени од актуелниот француски претседател Франсоа Оланд и неговиот претходник Никола Саркози.

Со ваквиот чин Франција сака да манифестира единство на нацијата и покрај политичките разлики и ривалството меѓу владејачката Социјалистичка партија и опозициската Унија на народното движење (УМП) на Саркози.

Оланд пред учеството на маршот во Елисејската палата ќе ги прими сите присутни шефови на држави или влади кои ќе присуствуваат на протестот во знак на сеќавање на жртвите на терористичките напади.

Француксиот премиер Мануел Валс повика на масовност на маршот. кој како што рече „ќе остане запаметен како одраз на единството и достоинството на францускиот народ, кој ќе ја изрази својата љубов кон слободата и толеранцијата“.

Свое учество на маршот најавија многу странски лидери, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел, премиерите на Шпанија, Маријано Рахој, на Италија, Матео Ренци, на Велика Британија, Дејвид Камерон и на Израел, Бенјамин Нетанјаху, како и претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер.

Францускиот министер за внатрешни работи Бернар казенев соопшти дека за обезбедување на маршот ќе бидат ангажирани 5.500 полициајци, а на покривите на зградите околу улиците по кои ќе се движат учесниците на собирот ќе бидат распоредени снајперисти.

Вчера низ Франција веќе се одржаа повеќе спонтани собири на кои учествуваа околу 700.000 луѓе.