Решена мистеријата за исчезнатиот малезиски авион

По се изгледа конечно е решена мистеријата за исчезнатиот малезиски авион MH370 откако се појавија најновите информации дека авионот мистериозно останал без струја, поради што летал се додека не останал без гориво, пишува „Дејли Експрес“.

Според новиот извештај на Австралиското биро за транспорт, виталните системи на авионот заедно со системите за комуникација и известување откажале, поради што авионот со часови летал додека не останал без гориво, а потоа се урнал во океанот.

Пилотите се труделе да се спасат од очајната ситуација. Извештајот се заснова на последниот курс на летање на авионот, како и промената на локацијата, а ова се објаснува со тврдењето дека пилотите се обидувале да го вратат авионот кон копното.

Според теоријата, со оглед на тоа што авионот останал без струја и без контакт, најверојатно летал се додека не останал без гориво, а потоа се урнал во океанот. Инаку малезискиот авион исчезна минатата година на 8-ми март, со 239 патници. Тој полета од Куала Лумпур, а според најновиот извештај авионот летал цели седум часа и 38 минути, наместо како што претходно се предвидуваше дека летал околу 5 и пол часа.

Во мигот кога пилотите послаеден пат воспоставиле контакт со контролата во Куала Лумпур авионот се упатил кон Јужното Кинеско Море. Само неколку минути подоцна авионот исчезнал од радарот, но подоцна бил откриен од воените сателити дека се враќа назад кон Малезија. Се верува дека струјниот прекин настапил веднаш по последниот контакт, кога откажал транспондерот.

Ова може да се забележи од сателитските податоци од авионот кој се обидел повторно да стапи во контакт час и половина по полетувањето. Засега сеуште се шпекулира за тоа каде би можел да се урне авионот.

Засега истрагата не објаснува што би можело да го предизвика струјниот прекин, освен што се посочува дека станува збор за технички проблеми. Според експерти за Боинг 777 можеби станува збор за комплексен дефект што би можел да настане например од пожар.

Единствен знак од исчезнатиот авион по уривањето беше парчето од крилото што беше пронајден на брегот на островот Ла Реунион во близина на Мадагаскар.