Решение на спорот за името до јули

Верувам дека е можно да се најде решение за спорот со името до крајот на првата половина на 2018 година, изјави македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за грчката телевизија Alpha, емитувано во неделата вечерта

Смета дека решението треба да биде прифатливо и за двете земји, со коментар дека такво решение постои, но избегна да открие детали, за, како што рече, „да не го урниса преговарачкиот процес“.

Заев, својот оптимизам, покрај другото во инервјуто го темели и на фактот што со грчкиот прмиер Ципрас делат исти лидерски вредности.

Македонскиот премиер изјави дека би сакал да се сретне и со лидерот на Независни Грци Панос Каменос и со лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, но откако прво ќе се сретне со грчкиот премиер Ципрас.

„Убеден сум дека постои решение и редот е секако тоа решение за граѓаните на Грција да го соопшти премиерот Алексис Ципрас, а јас на моите граѓани овде да им го соопштам решението. Но, верувам дека постои можност до крајот на првата половина од 2018 да изнајдеме решение, коешто дефинитивно ќе ја унапреди соработката меѓу нашите две земји и кога конечно, јас ќе можам да кажам како премиер на мојата земја, дека стекнавме уште еден голем сојузник, а тоа е нашиот јужен сосед“, рече македонскиот премиер во интервјуто.

Прашан за црвените линии, вели дека ако постојат црвени линии тие би биле само кочници или блокада во изнаоѓањето решение.

„Наша црвена линија е линијата која свети силно како водилка по патот за да дојдеме со конечно решение на проблемот“, вели Заев.

Заев во интервјуто неколкупати повторува дека стратешка определба и визија е Македонија е земјата да биде дел од НАТО и ЕУ, и порача дека со Грција треба и мора да биде пријател, а за Република Македонија, рече дека се залага за модерна, економски стабилна, социјално одговорна земја којашто верува во стандардите на Европската унија.

„Јас верувам дека заврши времето Балканот да биде буре барут и доаѓа време кога Балканот треба да продуцира мир, стабилност, соработка, поврзаност динамичен и слободен проток и на луѓе и на идеи“, заклучи македонскиот премиер.

Заев, исто така, на неколкупати ја упати пораката дека е потребно да се биде свртен кон иднината, а не заробен во минатото. Рече дека Александар Велики може да биде нешто коешто ќе спојува, а не да разделува, додека, пак, во однос на евентуалните преименувања на аеродромот или автопатот објасни дека „ако тоа е од голема важност спремни сме да разговараме и за тоа прашање“.