Решенија за вработување за шест лица ангажирани во музејот во Кавадарци

Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов, попладнево им додели решенија за вработување на неопределено време на шест лица кои досега беа привремено ангажирани во Локален музеј-галерија Кавадарци.

Станува збор за трансформација на работниот однос на лица кои во изминатите четири години работеа во музејот со ангажман преку локалната самоуправа. Со одлука на Владата на Република Македонија, а на барање на општината и музејот, беа изготвени решенија со кои шестмина го решија проблемот со вработувањето, пренесува МИА.

– Со овој чекор, Владата во рамките на проектот за вработувања во институциите од културата помогна да се надмине сериозен проблем во кавадаречкиот музеј, кој во последните години се соочуваше со одлив на кадар по пат на пензионирање. Општината  изгради нов музеј, а кадрите заминуваа како пензионери. Така од 10 вработени бројот се сведе само на тројца луѓе кои ги опслужуваа двата објекта. Но со овој потег состојбата со недостиг на стручен и помошен кадар се нормализира, рече Панов.

Честитајќи им за вработувањето, градоначалчникот посака сите тие да го следат примерот на нивниот директор Петре Камчевски кој иако пред пензија, се уште активно истражува и публикува нови сознанија поврзани со историјата на Кавадарци и Македонија. Им порача да ја искористат таа предност и да го задржат нивото на кавадаречката јавна установа која благодарение и на делото на Камчевски се рангира меѓу првите 10 институции во Македонија.