Реставрирани пет објекти со стара градска градба во Велес

Во рамките на проектот за зачувување на фасадите на објекти од старата градска архитектура, со поддршка од Министерството за култура годинава во старото градско јадро на Велес ќе бидат реализирани санаторско-рествраторски активности на фасадите на пет објекти на улица „Јован Алабаков“ кои се дел од автентичната споменична целина со традиционални белези на велешката архитектура на XIX век.

Проектот за заштита на фасадите на петте куќи е изработен од страна на стручните екипи од Националниот конзерваторски центар-Скопје, институција надлежна за заштитата на културното наследство, и истиот ќе биде реализиран до крајот на годинава.

Конзервацијата и реставрацијата на објектите во Велес е дел од проектот на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура за санација на фасадите од амбиенталната стророградска архитектура, кој, во согласност со усвоената динамика, се реализира четврта година по ред. Во рамките на проектот досега, е извршена санација и реставрација на 16 фасади на објекти и тоа 15 посебни зданија во урбаните средини на Крушево, Скопје, Битола, Охрид, Кичево, Гевгелија, Гостивар и Прилеп и еден комплекс од пет дуќани во Кратово.