Македонија

Рестораните покрај патиштата и на бензинските ќе работат нон-стоп

Рестораните покрај патиштата и на бензинските ќе работат нон-стоп

Рестораните и кафетериите покрај патиштата, на бензинските пумпи, аеродромите, автобуските станици и граничните премини ќе работат 24 часа, а не ограничено како досега.

Ова го предвидуваат измените на Законот за угостителска дејност кои денеска го поминаа првото читање пред собраниската Комисија за економски прашања.

Владиниот предлог едногласно беше поддржан од страна на членовите на Комисијата кои оценија дека оваа измена ќе го стимулира угостителството надвор од градовите и населените места, но и транзитниот туризам.

Според  нагласи заменик министерот за економија Христијан Делев ова е мала, но многу битна измена со која значително ќе им се помогне на угостителите посебно во летните периоди кога низ Македонија транзитираат многу туристи.

Поздравувајќи го ваквото решение, претседателот на Комисијата Љупчо Димовски истакна дека една од придобивките ќе биде и можноста за отворање нови работни места и остварување поголем прилив на средства.

– Сега  секој добронаменер турист од Куманово до Гевгелија ќе може да се освежи во кое било време, рече Димовски.

Според Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија, со измените не само што се корегира досегашниот пропуст, туку и се усогласуваме со праксата во Европа каде работното време на угостителските објекти покрај патиштата, бензинските, да биде 24 часа.

– Исто така, мора да се земе предвид дека за нас туристичката сезона е многу битна и не ретко, туристите кои застануваат да наполнат бензин, не можат да седнат, да каснат, да се одморат со кафе или да си купат каква било ситница, напомена Авировиќ.

За Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ, измените ќе овозможат туристите да ја сменат сликата за Македонија како транзитна дестинација.

– Досега, приходот од транзитните туристи беа само патарините. Но, веќе се менува сликата за Македонија, изградени се повеќе угостителски објекти. На пример во Гевгелија, долж Коридорот 10 има пет бензински станици, сите со угостителски објекти и ресторани, а се гради и уште една, посочи Цуклев, додавајќи дека веќе се издадени и локациите на патот Демир Капија – Смоквица, исто така за изградба на угостителски и туристички објекти.

Со измените се намалуваат и глобите за прекршок на физичко лице, од досегашните 3.000  – 4.000 евра на 200.

Комисијата за економски прашања на седницата ги поддржа и дополнувањата на Законот за приватизација на државниот капитал кои, како што рече Делев, се мали, но исклучително значајни.

– Со измените точно пропишуваме како да се продава капиталот што државата го поседува надвор од границите. Практично, се адаптираме кон матичните земји во кои се наоѓа тој капитал и нивните законодавства, објасни заменик министерот Делев.

Во текот на дискусијата, Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ сугерираше да се направи регистар на фирми од земјите во поранешна Југославија каде Македонија се уште има акции.

Македонија, според  Делев, има имот во Хрватска, Србија и уште неколку земји од поранешна Југославија.