РЕТРОСПЕКТИВА: Две децении дипломатски односи со Грција

13 септември 1995, Македонија и Грција ја потпишуваат Времената спогодба со која двете држави вопоставуваат дипломатски односи. На спогодбата и претходеше приемот на Македонија во Обединетите Нации под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија, за која што претседателот Киро Глигоров тврдеше дека ќе се користи само два месеци.
Грчката страна пак, со спогодбата, меѓудругото се обврза и дека нема да го блокира членството на нашата земја во меѓународните организации, доколку е под привремената референца. Една деценија по потпишувањето, Грција грубо ја прекрши потпишаната спогодба со ветото за членството на Македонија во НАТО. Ова кршење на обврските од меѓународниот договор беше констатирано и од судот во Хаг, кој што со пресудата во корист на Македонија утврди дека грчкотo вето е незаконско.
20 годишните дипломатски односи не донесоа речиси никакво поместување ниту во однос на проблемот што Атина го има со нешето уставно име и идентитет, ниту во однос на почитувањата на правата на македонското малцинство во Грција ниту пак во однос на протераните Македонци од Егејска Македонија и нивните имоти. 

Пападакис: од новата грчка Влада да не се очекува суштинска промена за Македонија

Суштинска промена во врска со овие прашања не може да се очекува ниту од старо-новата грчка влада на СИРИЗА и Независни Грци, вели за Нетпрес Јоргос Пападакис, портпарол на Европската слободна алијанса.
 
Ако ги земеме предвид членовите на владата, тогаш гледаме дека околу петнаесетмина се од претходните Влади на ПАСОК и Нова Демократија. Тоа е  показател дека не се работи за ништо ново, туку за старо во нова облека и низ таа призма мора да ги гледаме и македонско-грчките односи, вели Пападакис.
Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, владата на Алексис Ципрас сепак ќе биде запаметена како соговорник во разговорите за взаемните мерки за градење доверба, со кои што треба да се регулираат некои од основните параметри на меѓувладината соработка.
 

Амбасадорот Ангелов: Дипломатските односи со Грција бележат блага нагорна линија

Дипломатските односи меѓу Македонија и Грција бележат блага нагорна линија и зголемена комуникација која што се случува на дневна основа, изјави македонскиот амбасадор во Атина, Дарко Ангелов, на приемот што македонската амбасада го организираше по повод 20 години дипломатски односи и 24 години независност.
 
Во нашите односи во изминатите 20 години останаа многу неискористени потенцијали и многу работи беа оставени за периодот што доаѓа. Пристапот кон кој што целиме е да се фокусираме на она што треба да не зближува, а не на прашањата што не разделуваат, беше пораката на амбасадорот Ангелов од говорот пред присутните сонародници и претставници на дипломатскиот кор.
Според амбасадорот, ваквиот развој на настаните ќе прати силна порака до граѓаните на двете земји дека може да соработуваме и дека ќе соработуваме.