Ревизија на договорот од Даблин, Макрон за прифатни центри надвор од ЕУ, Ципрас против

Лидерите на 16 од 28 земји-членки на ЕУ, кои одговорија на поканата на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, вчера во Брисел одржаа мини-самит  во обид да се најде „европско решение“ за проблемот со мигрантите.

Агенцијата АП наведува дека самитот е заклучен под обландата на заедничка цел додека Европската унија се подготвува за неделата што може да биде од витално значење за нејзиното единство, бидејќи во четврток ќе се одржи самит со учество на сите земји-членки на ЕУ.

Поттикнати од договорот со Турција со кој се намали приливот на мигранти во Европа, лидерите на ЕУ сега разгледуваат можност за отворање на центри во Северна Африка- Алжир, Египет, Либија, Мароко, Нигер и Тунис. Според овој план, прифатен центар ќе биде отворен во Албанија.
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека ќе работи во тоа со земјите кои не се членки на ЕУ, а преку кои минуваат мигрантите.

Макрон ја споменал Либија и другите африкански земји, како и Балканот. Според неговите зборови, приливот на мигранти во ЕУ значително се намали, но ЕУ е “политичка криза” поради овој проблем.

Премиерите на Данска, Белгија и Луксембург, исто така го поддржаа план за центри за прифаќање надвор од ЕУ, но ја истакна потребата да се почитува меѓународното право.

Меѓутоа, грчкиот премиер Алексис Ципрас „изрази сериозни резерви“ за планот.

Ципрас на самитот ги повика присутните лидери на ревизија на европскиот систем на азил за да товарот што го создаваат бегалците биде поправично дистрибуиран, а истовремено се спротиставил на идејата за отворање на избеглички прифатни центри од „затворен тип“, кои би се наоѓале надвор од ЕУ, пренесува АНА.

Се тврди дека Ципрас се заложил за поголема поддршка за земјите од првиот прием во Европа, за поддршка на земјите на транзит и потекло, како и за посилен европски механизам за враќање на бегалците и воспоставување на силна европска гранична стража која би ја заменила пограничната агенција на ЕУ, Фронтекс.

Прашањето за миграцијата е прашање со кое Европа ќе мора да се соочуа во наредните години, стои во соопштението на Ципрас по самитот.

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ за ХИНА изјавил дека нема да има прифатилишта за мигранти во земјите од Западен Балкан и дека на самитот главно се разговарало за овие центри надвор од ЕУ.

Напротив, идејата е да според урнекот од договорите со Турција, Јордан и Либан се најдат решенија кои би спречиле поголеми миграциски бранови во иднина. Мојот впечаток е дека од шпекулациите дека прифатни центри ќе бидат отворени во нето соседството нема да има апсолутно ништо, изјавил Пленковиќ на новинарите по завршувањето на мини-самитот.

Според него, се разговарало за три теми- политиката на миграција и азил,комплетен консензус за заштитата на надворешните граници на ЕУ, како и прашањето за секундарни миграции за што генерално е договворено да се продолжат разговорите за седумте закони, вклучувајќи ја и ревизијата на договорот од Даблин со амбиција процесот на договарање во рамките на ЕУ да биде завршен до крајот на годината.

Според податоците на ЕУ, 40.000 луѓе стигнале по морски пат во Европа годинава,од кои 16.000 во Италија, 12.000 во Грчка и 12.000 во Шпанија.