Резерва од 2.600 дози за заштита на девојчињата од рак на матката

Министерството за здравство набавува 20.000 дози од вакцината против хуманопапилома вирусот – ХПВ, а во моментов има уште 2.600 дози резерва за имунизација на околу 12.000 девојчиња на возраст од 12 години, пишува дневниот весник „Вест“.

Секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство ве­ли дека имунизацијата против ХПВ, кој предизвикува рак на грлото на матката, ќе ја почнат со овие 2.600 дози кои се набавени со претходниот тендер, а дека кон кра­јот на октомври ќе се отворат и понудите од новата набавка.

“Сме­та­ме дека нема да има застој во вакцинирањето, бидејќи оваа вакцина де­вој­чи­ња­та може да ја примат до јуни следната година, а во текот на ноември очекуваме да стиг­нат и вакцините од новиот тендер, и имунизацијата нормално да продолжи”, ве­ли Министерството за здравство.

Оваа вакцина во редовниот календар за имунизација беше воведена за шес­то­од­де­лен­ки­те во учебната во 2009/2010 година. Тогаш голем дел од родителите одбија да ги вакцинираат своите деца, бидејќи стравуваа од негативни последици врз нивното здрав­је, со оглед на тоа што во тој период оваа вакцина беше релативно кратко во упот­ре­ба и во светски рамки.

Министерството за здравство вели дека опфатот на вакцинирани шес­то­од­де­лен­ки со ХПВ вакцината од година во година расте и дека во моментов изнесува 56 от­сто, за разлика од почетокот, кога едвај беа вакцинирани 30 отсто од девојчињата.

Ла­ни директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство Марија Хаџилега из­ле­зе со податок дека Македонија е втора земја во Европа по бројот на заболени од рак на грлото на матка, а оти голем дел од популацијата е заразен со ХПВ ви­ру­сот, кој го предизвикува ова малигно заболување. Здравствените власти постојано апе­ли­ра­ат девојчињата да се вакцинираат, а жените да одат на редовни ги­не­ко­лош­ки прегледи.

“Ефек­ти­те од задолжителната ХПВ вакцинација треба да се почувствуваат по 10 или 15 години, кога согласно податоците од Светската здравствена организација, се оче­ку­ва стагнирање или опаѓање на стапката на карцином на грло на матка”, вели Министерството за здравство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.