Тимовите на кол центарот за хронични пациенти контактирале над 19.000 осигуреници

Реализацијата на проектот на Владата на Република Македонија, „Фондот се грижи за хроничните болни“  и најновите резултати од јавувањата на вработените од Фондот во грижата на хронично болните кои досега контактираа 19.214 осигуреници со дијабетес, кардиолошки и бубрежни заболувања се одвива според планираната динамика, информираат од ФЗОМ.

Оттаму од досегашното искуството на 10-те тима на вработени во Фондот кои ги контактираа осигурениците во овој период од три месеци констатираат дека продолжуваат да наидуваат на позитивен приeм кај осигурениците.

Иако од досегашните јавувања се чини дека осигурениците се запознаени со тежината на нивното заболување и имаат основни информации за својата терапија, начинот на исхрана и животен стил, сепак, неколку осигуреници кои иако знаеле дека имаат болест, не биле сигурни какви се последиците од ненавременото одење на лекар и примање на соодветна терапија. Сепак, по укажување од нашите вработени, овие осигуреници се согласиле посовесно да се однесуваат кон своето здравје и да ги слушаат препораките на лекарите. Осигурениците поттикнати од нашите јавувања се интересираа и за други права од здравственото осигурување, кои се во надлежност на Фондот, како што се: остварување право на ортопедски помагала, право на медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување и бараа дополнителни информации за лекови на позитивната листа, велат од ФЗОМ.

Тимовите се составени од вработени од поголемите подрачни служби како што се: Скопје, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Велес, Прилеп и Куманово. Тие се јавуваат на осигурениците со трите хронични заболувања да ги потсетат кои прегледи треба редовно да ги прават, да ги информираат за комплексноста на заболувањето, со цел да се стопира можната прогресија на болеста.