Резултати од работењето на Македонски Телеком за 2016 година

Македонски Телеком АД-Скопје ја задржа водечката позиција на пазарот во фиксни говорни услуги на крајот од 2016 година, покажуваат неревидираните финансиски извештаи согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ).

Приходите од продажба во 2016 година изнесуваат 10.485 милиони денари, што претставува намалување од 1,2 отсто во споредба со 2015 година. Вкупната нето добивка изнесува 1.036 милиони денари и е намалена за 16,6 отсто во споредба со истиот период од претходната година.

„Во 2016 година речиси ги стабилизиравме приходите по неколкугодишен тренд на опаѓање и ги остваривме поставените компаниски цели. Започнавме со дигитална трансформација и го подигнавме нивото на дигиталната интеракција со корисниците. Бројот на домаќинства во Македонија коишто се корисници на нашата Magenta 1 понуда порасна. Постојано инвестираме во нови технологии и мрежна инфраструктура и на тој начин го унапредуваме и го подобруваме нивото на услуги. Со нашето портфолио на конвергирани фиксни, мобилни и cloudуслуги, ја зацврстивме позицијата на Македонски Телеком како водечки интегриран давател на телекомуникациски услуги во земјата“, изјави Андреас Маиерхофер, главен извршен директор на Македонски Телеком.

Според неревидираните финансиски извештаи, Македонски Телеком на крајот од 2016 година успеа да ја одржи водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со удел од 60отсто според интерните податоци. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 13,9 отсто споредено со 2015 година, со бројката од 217 илјади корисници Македонски Телеком на крајот од 2016 година е на лидерската позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.

Базата на DSL корисници на крајот од 2016 година бележи благо намалување од 0,3 отсто во споредба со претходната година и изнесува 189 илјади корисници, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет изнесува 48 отсто, според интерните податоци.

Како резултат на високиот квалитет, интерактивноста и уникатното ТВ искуство, Македонски Телеком во 2016 година оствари добри резултати со дигиталната телевизија, односно со IPTVуслугата. На крајот од 2016 година, бројот на IPTVкорисници изнесува 108 илјади, што претставува зголемување од 4,1 отсто во споредба со 2015 година. Со тоа, Македонски Телеком има најголем удел на ТВ пазарот достигнувајќи 26 отсто од вкупниот ТВ пазар, според интерните проценки.

Македонски Телеком бележи добри резултати и пораст во мобилниот сегмент, при што има удел од 50,2 отстo на пазарот, согласно интерната проценка. Базата на претплатници на крајот од 2016 година изнесува 1.258 илјади претплатници.

Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од 2016 година се намалени за 5,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Намалувањето е резултат на намалените приходи од говорен роаминг и од при-пејд, како и од помалиот мобилен сообраќај од меѓународни дојдовни повици.

Приходите од неговорни услуги се зголемија за 20,1 отсто во споредба со 2015 година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем податочен сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели. На крајот од 2016 година, приходите од системска интеграција и ИТ се намалија за 6,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Повисоките приходи во 2015 година беа резултат на ИКТ проектите со Јавното Сообраќајно Претпријатие и Министерството за Финансии.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.