Резултати од работењето на Македонски Телеком за првите шест месеци од 2016 година

Македонски Телеком АД-Скопје ја задржа водечката позиција на пазарот во фиксни говорни услуги на крајот од првите шест месеци од 2016 година, покажуваат неревидираните финансиски извештаи согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ).

Приходите од продажба во првите шест месеци од 2016 година изнесуваат  5.092 милиони денари, што претставува зголемување од 1,1 отсто во споредба со истиот период од претходната година.

Оперативните трошоци на крајот од првите шест месеци од 2016 година бележат зголемување од 6,9 отсто, споредено со истиот период во 2015 година.

Вкупните капитални инвестиции (CAPEX), на крајот од првите шест месеци од 2016 година изнесуваат 463 милиони денари.

Како резултат на горенаведените движења на страна на приходите и трошоците, нето добивката е во висина од 259 милиони денари, што претставува намалување за 52,7 отсто споредено со истиот период од 2015 година.

Според неревидираните финансиски извештаи, Македонски Телеком на крајот од првите шест месеци од 2016 година успеа да ја одржи водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со удел од 60,7 отсто според интерните податоци. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 10,6 отсто споредено со истиот период од 2015 година, со бројката од 219,5 илјади корисници Македонски Телеком на крајот од првите шест месеци од 2016 година е на лидерската позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.

Базата на DSL корисници на крајот на првите шест месеци од 2016 година остана стабилна во споредба со истиот период од претходната година и изнесува 189 илјади корисници, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет изнесува 48,6 отсто, според интерните податоци.

Како резултат на високиот квалитет, интерактивноста и уникатното тв искуство, Македонски Телеком оствари добри резултати со дигиталната телевизија, односно со IPTV услугата. Во првите шест месеци од 2016 година, бројот на  MaxTV корисници изнесува 105,4 илјади што претставува зголемување од 5,8 отсто отсто во споредба со истиот период од претходната година. Со тоа, Македонски Телеком има 25,3 отсто удел од вкупниот ТВ пазар, според интерните проценки.

Приходите од малопродажен интернет и дигиталната телевизија преку интернет протокол на крајот од првите шест месеци од 2016 година се зголемија за 2,9 отсто во споредба со истиот период од претходната година.

Во мобилниот сегмент, Македонски Телеком има удел од 48,3 отстo, согласно интерната проценка. Базата на претплатници на крајот од првите шест месеци од 2016 година изнесува 1.221 илјади претплатници и е зголемена за 3,5 отсто во однос на истиот период од претходната година  кога изнесуваше 1.180 илјади претплатници.

Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од првите шест месеци од 2016 година се намалени за 6,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на намалувањето на тарифите, помалиот мобилен сообраќај од меѓународни дојдовни повици, намалувањето на приходите од при-пејд како и од говорните услуги во роаминг.  Трендот на зголемено користење на мобилните услуги продолжи, при што сè повеќе минути се опфаќаат во пакетите за иста цена. Следствено, просечниот приход по корисник е намален за 4,5 отсто во споредба со истиот период од претходната година.

Приходите од неговорни мобилни услуги се зголемени за 11,4 отсто во споредба со претходната година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем податочен сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели. На крајот од првите шест месеци од 2016 година, приходите од системска интеграција и ИТ се зголемени за 81,1 отсто отсто во споредба со истиот период од претходната година, поради зголемените приходи од ИКТ проекти, Cloud Computing услугите и други интегрирани решенија за бизнис корисници.