Македонија

Резултатите од екстерното на осмоодделенците ќе се објават по 12 часот

Резултатите од екстерното на осмоодделенците ќе се објават по 12 часот

Резултатите од екстерното тестирање на сите осмоодделенци ќе бидат истакнати денеска по 12 часот во сите основни училишта, а за сите останати ученици во следните неколку денови.

Врз основа на обработените тестови, просечната оценка на постигнувањето на осмоодделенците е 3,67. Во однос на минатата година, кога просекот изнесуваше 3,53, оваа година резултатите се повисоки за 0,14 процентни поени.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој рече дека јунската сесија од процесот на екстерното тестирање на учениците од четврто одделение во основно образование до трета година во средно образование завршила заклучно со 10 јуни и поради законската обврска за упис во средно училиште осмоодделенците имале предност при полагањето, како и при етапното објавување на резултатите.

„Секој ученик ќе може да ги погледне оценките кои ги добил по предметите по кои бил тестиран и најдоцна во рок од три работни денови, практично од понеделник до среда доколку смета дека е потребно, ќе има можност да поднесе приговор до училишната комисија која ќе го проследи до Државниот испитен центар во чија надлежност е носењето на конечната одлука, посочи Спировски.

Според добиените податоци од Државниот испитен центар, нагласи министерот, од вкупно 21.658 осмоодделенци од оваа учебна година кои треба да бидат екстерно тестирани, во јунската сесија по два предмети тестирани се вкупно 21.191 осмооделенец, 249 ученици се тестирани само по еден предмет, додека 218 ученици од генерацијата воопшто не се тестирани во оваа фаза.

– Одделно по училишта, земајќи го предвид бројот на осмоодделенците во секое од нив, најдобри резултати односно просек од 4,95 постигнаа полуматурантите од ОУ „Гоце Делчев“ во Скопје, општина Центар, додека најслаби резултати постигнаа полуматурантите од ОУ „Страшо Пинџур“ во општина Карбинци со просечни постигање од 2,52, рече Ристовски.

Уписите во сите средни училишта, потенцира министерот, почнуваат на 23 и 24 јуни со исклучок на паралелките во Спортската академија каде првиот уписен рок е на 19 и 20 јуни.

„Учениците кои од оправдани причини не полагале еден од предметите или пак, воопшто не биле тестирани, тоа ќе можат да го направат во августовската испитна сесија за што дополнително ќе бидат информирани за термините и предметите по кои се проверуваат нивните постигнувања. Потоа, по подигнувањето сведителства ќе можат да конкурираат за упис во средно училиште на 21 август, односно во вториот уписен рок, истакна Ристовски.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека очекувал поголемо зголемување на просечната оценка на постигнувањето на осмоодделенците со оглед на фактот, што, како што посочи, речиси 30 дена испитните прашања биле достапни за сите ученици.

„Имаа доволен период во кој можеа да се подготват, три дена пред полагањето за разлика од минатото екстерно оценување ги знаеја и конкретните два предмети по кои ќе полагаат. Генерално сум задоволен од процесот, но сметам дека имаме уште многу да работиме вкупно на квалитетот на образовниот процес во Република Македонија за да го подигнеме нивото и квалитетот. Екстерното тестирање е само еден од сегментите кои треба да придонесат во зголемувањето на квалитетот на образовниот систем. Има уште многу делови во кои треба да се работи и натаму“, додаде Ристовски.