Прегласувањето во Теарце покажа дека немало „бугарски воз“ на изборите

Вчерашното прегласување во Теарце не донесе промена на бројот на пратенички мандати. Од вкупно 714 граѓани со право на глас, вчера во изборната единица 2011- гласаа 402, од нив 245 гласле за СДСМ, 149 за ВМРО –ДПМНЕ, ДПА и Алијансата за Албанците добија по 1 глас, а ВМРО за Македонија 2 гласа. И по прегласувањето бројот на пратеничките места во Собранието останува ист -51 пратеник за ВМРО-ДПМНЕ и колацијата, 49 СДСМ, ДУИ 10, БЕСА 5, Алијансата за Албанците 3 и ДПА 2 мандати.

Резултатите од вчерашното прегласување според аналитичарите,  покажуваат дека на11-ти декември немало т.н.  бугарски воз во Теарце како што тврдеа СДСМ во приговорот поднесен до Државната изборна комисија.

„Вчерашното прегласување во Теарце покажа дека на ова избирачко место немало никакви изборни неправилности и нерегуларности, а уште помалку „бугарски воз“. Се виде дека нерегуларностите беа само во главите на раководството на СДСМ кои имаа за цел да го одолговлечат изборниот процес, и колку што може повеќе да ги пролонгираат изборните резултати со цел на илеџиски начин да се направи пресврт со мнозинската изборна волја во фото финишот на процесот“, посочува универзитетската професорка Тања Каракамишева Јовановска за Нетрпес.

Според неа и вчера победле правдата и народот, кои како што вели, не дозволил да се фалсификува мнозинската изборна волја на народот.

„Исто така, прегласувањето покажа дека решението на ДИК, како и одлуката на Управниот суд беа незаконски, донесени повеќе во знак на некакво политичко калкулирање со партиските интереси отколку преку целосно почитување на законите во државата. Прегласувањето ја покажа и спрегата што СДСМ ја направи со албанските гласачи. Тие, дел купени, дел измамени со наводната реализација на антимакедонски проекти од страна на Заев, а кои не се прифатливи за мнозинството граѓани во државата, гласаа за СДСМ. Сепак, и покрај разно-разните обиди да се намести изборниот резултат во полза на СДСМ со цел да му се одземе на ВМРО—ДПМНЕ мандат кој би отишол во полза на СДСМ, правдата победи, народот победи, и не дозволи да се случи фалсификат на мнозинската изборна волја во земјата“, смета Каракамишева Јовановска.

Претседателот на ДИК Александар Чичаковски, вчера изјави дека новите пратеници своите уверенија за добиените мандати треба да ги добијат најдоцна до 28 декември во среда и тоа за сите пет изборни единици, како и за осигураните мандати во шестата изборна единица, доколку нема приговори. Партиите повторно имаат право на приговори до ДИК, како и за поднесување тужба до Управниот суд. Засега ниту една партија нема доставено поплаки за прегласувањето во Тераце во избирачкото место 2011 што се одржа вчера информираат од државната изборна комисија.

По верификација на мандатите се очекува да се одржи Конститутивна седница на новиот собраниски состав –рокот за нејзино одржување предвиден со Уставот истекува на 31 декември. На седница прво се верификуваат мандатите по што се бира претседател на Собранието. За некој кандидат да биде избран за претседател на Собранието, треба да добие поддршка од 61 пратеник.

По конституирањето на Парламентот, претседателот на државата, според член 90 од Уставот е должен во рок од десет дена мандатот за состав на Владата да го довери на партијата што има мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Откако ќе го предложи новиот владин состав и ќе покаже дека има мнозинство, на 16 февруари во Собранието треба да се гласа новата влада – за чие формирање треба да гласаат мнозинство од вкупниот број присутни пратеници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.