РФМ: Одлуката за зголемување на цените за лиценца на странски играчи на сила од 2016/2017

РФМ се премисли - законот ќе важи од следната сезона

Управниот одбор на РФМ на седница во саботата донесе одлука да ја зголеми цената за лиценца на странски играчи во Суперлигата за 50 проценти, односно од 1.000 евра да ја зголеми на 1.500 евра по играч, а голем број од клубовите реагираа. Вардар и Металург објавија јавни соопштенија, а Макс Струмица, РК Прилеп, РК Охрид и РК Пелистер пратиле допис до РФМ со барање да се одложи стапувањето на сила во оваа одлука.

Земајќи го предвид барањето од горенаведените клубови, податокот што буџетите за натпреварувачката сезона 2015/2016 се дефинирани и затворени, како и реакцијата на РК Вардар испратена до медиумите, раководството на Ракометната Федерација на Македонија, испрати барање до членовите на Управниот одбор за постапување согласно наведеното. Поради итноста за донесување одлука, согласно Член 35 од ,,Статутот на РФМ“, како и Член 3, точка 11 од ,,Законот за здруженија и фондации“ Управниот одбор на РФМ се согласи одлуката за покачување на надоместокот за странски играчи во ракометните клубови во Македонија на 1500 евра да стапи на сила од натпреварувачката сезона 2016/2017, вели известувањето на РФМ.

Сезоната почнува на 19 септември, за помалку од еден месец, рок за кој клубовите се согласија дека е премал за да направат корекции во своите буџети.