РФМ: Ракометарите се добро, утре ќе патуваат за Данска

Ракометната федерација на Македонија преку соопштение ја информира јавноста дека ракометарите веќе утре заминуваат за Данска и сите се во ред. Петте ракометари кои примиле инфузија се чувствуваат добро и се подготвени за настапот на Европското првенство.

„На последниот ден пред заминувањето на машката ракометна репрезентација на претстојното ракометно првенство во Хернинг, Данска, кај петмина играчи на А-тимот се појавија знаци на премаленост и нагон за повраќање. Индикациите укажуваа на симптоми при состојба популарно позната како стомачен вирус. По реакцијата на лекарскиот тим и укажаниот соодветен третман во клиничката болница „Систина“, ракометарите се чувствуваат добро и утре изутрина заедно со целиот табор ќе заминат за Данска“, се вели во соопштението од РФМ.

Докторот Никола Панчевски од болницата „Систина“ вели дека ракометарите ималее гастритичен проблем како реакција на стомачен вирус.

„Во градов подолг период владее вирусна епидемија, поради што веќе сме подготвени на брз начин да се справиме со нејзините последици. Дел од играчите почувствуваа премаленост и нагон за повраќање, поради што мораа да добијат третман. Но, нагласувам дека не е ништо страшно и дека тие ќе бидат подготвени за настапите на претстојното Европско Првенство“, вели доктор Панчевски.