Ричард Гир по три децении се враќа на малите екрани

Американскиот актер Ричард Гир во новата драмска серија на британскиот јавен сервис BBC ќе го толкува ликот на медиумски могул, а партнери ќе му бидат актерката Хелен Меккрори и колегата Вили Хоули, објави телевизијата.

Осумте продолженија во траење од по еден час, ќе се снимаат главно во лондонските студија на BBC. Ричард Гир изјави дека му е извонредно мило што по многу време ќе се врати на малите екрани.

Серијата „MotherFatherSon“ ќе се емитува на програмата BBC Two. Станува збор за успешниот деловен човек Макс, лик кој го толкува Гир, неговата поранешна сопруга Катрин, која ја толкува Меккрори, и нивниот син Каден, го игра Хоули.

Семејното царство станува загрозено во моментот кога на Каден, кој ги води татковите весници во Велика Британија, работите ќе почнат да му излегуваат од контрола, а последици се можни за целото семејство и за нивната бизнис империја.

„Многу сум задоволен што соработувам со BBC на оваа извонредна серија со толку талентирани луѓе. Темата е многу актуелна“, изјави Гир.

Сценаристот на серијата Том Риб Смит, познат по сценариото за „Убиството на Џани Версаче: Американска криминалистичка приказна“ изјави дека од почетокот верува дека успехот на серијата зависи од актерската екипа, а „тука се на собир извонредни актери“. Тој досегашните ролји на Гир ги смета многу комплексни, а како актер и човек извонредно ги цени.

Американскиот актер ја стекна славата во 1980-те години во култниот фил „Американски жиголо“, а статусот на холивудска ѕвезда го потврди со филмовите „Офицер и џентлмен“, „Котон клуб“ и „Убава жена“.

Снимањето на британската серија започнува ова лето во Лондон и на локации во Шпанија, но уште не е познато кога тоа ќе заврши и кога серијата ќе биде прикажувана на малите екрани.