Ричард Хендрикс ја засили кошаркарската репрезентација

Македонската кошаркарска репрезентација ги продолжи подготовките во пресрет на квалификациите за Евробаскет 2015, а селекторот Александар Џикиќ од денеска во тимот ги има и Војдан Стојановски, кој се приклучи на остатокот од националниот тим и за прв пат натурилизираниот Ричард Хендрикс,

Тој пристигна во Скопје доцна синоќа, а денеска ја имаше првата средба со селекторот Александар Џикиќ и соиграчите. Поради долгиот пат селекторот Џикиќ му остави слободно претпладне на Ричард Хендрикс, кој пак со свој прв тренинг ќе се приклучи вечерва. По одличната сезона која ја одигра во дресот на Локомотив Кубан, Ричард Хендрикс пристигнува како големо засилување за Македонија на крилната центарска позиција.
Веднаш по краткиот разговор со Џикиќ и запознавањето со новите соиграчи, Хендрикс ги сподели првите впечатоци од новата средина и новиот тим.

„Имав долг пат, но првите впечатоци се навистина позитивни. Сите се навистина топли со мене и прават веднаш да почувствувам дека сум добредојден. Убав град, добри услови за работа и тренинг и навистина сум мотивиран да се приклучам на репрезентацијата и да помогнам најмногу што можам. Со селекторот Џикиќ успеавме кратко да се видиме да поразговараме за плановите и едвај чекам да започнам со тренинзите“, вели Хендрикс.

По вчерашниот слободен ден, тренинзите на репрезентацијата продолжуваат редовно, два пати дневно во салата „Борис Трајковски“. Се работи според планот на подготовки, со акцент и на индивидуална работа со репрезентативците, кои често остануваат и подолго од предвидените два часа за тренинг. Атмосферата е на највисоко ниво, а и покрај напорните тренинзи, репрезентативците работат мотивирано за најдобра можна подготовка пред квалификациските натпревари.

„За противници во квалификациите имаме добри екипи, но мислам дека најважно е да се фокусираме на тоа што ние треба да го одиграме. Со добра тимска игра и добар тимски дух, имаме квалитет да ја оствариме посакуваната цел. Знам дека очекувањата се големи, но секогаш притисокот го ставам на себе, за исполнување на тие очекувања. Ултимативната цел е секако победа и пласман на Евробаскетот, така што ќе дадам се од себе да одиграм најдобро што знам. Последните години се навистина успешни за Репрезентацијата и Федерацијата и не гледам зошто не би го продолжиле тоа. Знам дел од моите нови соиграчи во репрезентацијата, но не се знаеме лично. Сепак, како што кажав и порано, првите впечатоци се навистина позитивни и мислам дека ќе можеме заедно да го достигнеме успехот. Тие се дел од оваа репрезентација веќе некое време, така што го имаат победничкиот дух, кој е многу важен во вакви важни натпреварувања.“, заврши Ричард Хендрикс.