Ригорозни казни за Геровски, Докузовски и Србиновски

Дисциплинската комисија при Македонската кошаркарска федерација ги казни тренерот Марин Докузовски и помошник-тренерот Марјан Србиновски со суспензија во времетраење од шест, односно три месеци. Казнет беше и претседателот Горан Геровски, кој е казнет со една година забрана за извршување било каква функција во кошаркарскиот спорт.

“Се уште ги немаме добиено казните, но разбравме за што точно станува збор. Став на клубот е дека станува збор за ригорозни казнувања, пред се на членовите на нашиот стручен штаб. За нас, реално би било Докузовски да мине со далеку поблага суспензија, додека Србиновски воопшто да не биде казнет, бидејќи станува збор за помошен тренер што нема моќ за да прекине натпревар или да влијае тимот да не се враќа на терен” – изјави претседателот на Работнички, Горан Геровски за порталот ЕКИПА.