Спорт

Светско првенство во Формула 1 Рикардо победник на трката за Големата награда на Кина

Рикардо победник на трката за Големата награда на Кина

Австралиецот Даниел Рикардо од тимот на „Ред Бул“ е победник на трката за Големата награда на Кина која во неделата се возеше на патеката во Шангај, која беше третата трка од новата сезона на Светското првенство во Формула 1.

Рикардо до својата шеста победа во кариерата и прва сезонава дојде со одлично возење, откако трката ја започна од шестата позиција.

На 24 часа пред стартот на трката се чинеше дека Австралиецот нема ниту да учествува на неа поради проблеми со турбополначот. Меѓутоа, механичарите на „Ред Бул“ направија одлична работа и 28-годишниот Даниел Рикардо во последен момент се појави на патеката и го избори шестото место во квалификациите.

Неговиот болид совршено функционираше и на трката, а тимот на „Ред Бул“ избра одлична стратегија, но перфектен беше и самиот Рикардо. Особено впечатлив беше неговиот потег во 43-от круг кога фантастично го мина Финецот Валтери Ботас од „Мерцедес“ и се проби на првото место. Рикардо на тесен простор ризикуваше и речиси залепен ги мина Ботас, заседна на челната позиција којашто не ја испушти до крајот на трката..

На Рикардо му помогна и излегувањето на патеката на безбедносното возило во 31-откруг по сударот меѓу Французинот Пјер Гасли и неговиот клупски колега од „Торо Росо“ Новозеланѓанецот Брендон Хартли. Од „Ред Бул“ тогаш ги повикаа своите два возача на второто запирање во боксот по софт гумите, а тоа не го сторија екипите на „Ферари“ и на „Мерцедес“.

По оваа храбра одлука, Рикардо дојде до втората победа на „Ред Бул“ во Кина по 2010 година, Ботас беше втор, додека на третата позиција се проби другиот Финец, Кими Рајконен од „Фераи“.

Еден од клучните моменти на трката се случи во 43-от круг, кога вториот пилот на „Ред Бил“, Холанѓанецот Верстапен предоцна влезе во еден свиок и го закачи Германецот Себастијан Фетел во „Ферари“ по што двата болида се извртија на патеката. Холанѓанецот поради тоа беше казнет со десет секунди, а нивниот контакт го искорист Рајконен кој се проби на третото место кое го сочува до крајот.

Верстапен беше четврти, но поради казната падна на петтата позиција, додека актуелниот шампион Луис Хамилтон од „Мерцедес“ заврши како четврти. Победникот во првите две трки сезонава, Себастијан Фетел, заврши дури на осмото место.

Во генералниот пласман води Фетел со 54 бодови, Хамилтон е втор со 45, додека трет е Ботас со 40 бодови. Рикардо се проби на четвртата позиција со 37 бодови, а пети е Рајконен со 30 бодови.

Во пласманот на конструкторите во водство е „Мерцедес“ со 85 бодови, „Ферари“ има бод помалку, а третото место го држи „Ред Бул“ со 57 бодови.

Следната трка за Големата награда на Азербејџан ќе се вози во Баку на 29-ти април.

РЕЗУЛТАТИ ВО ШАНГАЈ:

1. Даниел Рикардо (Аус/Ред Бул-ТАГ Хауер) 1 час 35:36.380
2. Валтери Ботас (Фин/Мерцедес) + 8.894
3. Кими Рајконен (Фин/Ферари) + 9.637
4. Луис Хамилтон (ВБ/Mercedes) + 16.985
5. Макс Верстапен (Ред Бул-ТАГ Хауер) + 20.436
6. Нико Хулкенберг (Гер/Рено) + 21.052
7. Фернандо Алонсо (Шпа/Мекларен-Рено) + 30.639
8. Себастијан Фетел (Гер/Ферари) + 35.286
9. Карлос Саинс (Шпа/Рено) + 35.763
10. Кевин Магнусен (Дан/Хаас-Ферари) + 39.594 …

 

ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН

1. Себастијан Фетел (Германија) 54 поени
2. Луис Хамилтон (Велика Британија) 45
3. Валтери Ботас (Финска) 40
4. Даниел Рикардо (Австралија) 37
5. Кими Раиконен (Финска) 30
6. Фернандо Алонсо (Шпанија) 22
7. Нико Хулкенберг (Германија) 22
8. Макс Верстапен (Холандија) 18
9. Пјер Гаси (Франција) 12
10. Кевин Магнусен (Данска) 11 …

 

ПЛАСМАН НА КОНСТРУКТОРИТЕ

1. Мерцедес 85 бодови
2. Ферари 84
3 Ред Бул 55
4. Мекларен-Рено 28
5. Рено 25
6. Торо Росо-Хонда 12
7. Хаас 11
8. Заубер 2
9. Форс Индија 1