Рилкоски: Партиите да го почитуваат Изборниот законик

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Никола Рилкоски, денеска ги повика политичките партии да ги почитуваат одредбите на Изборниот законик.

„Сите коишто учествуваа во носењето на законикот и го донесоа консензуално треба да ги почитуваат неговите одредби и да останат доследни на тоа“, рече Рилкоски.

Досега нема сознанија за прекршување на законикот, но како што вели, доколку постојат такви состојби тогаш за прекршителот на одредбите од овој законик секако дека ќе преземaт се што е во нивна можност.

„Секој што ќе се појави како прекршител на одредбите на овој законик ќе треба да сносни санкции“, изјави тој. Добро е, додаде Рилкоски, што со овој Изборен законик се предвидоа многу санкции од прекршочни, глоба во денарска противредност, но и кривични санкции.

Повтори дека највисокото изборно тело е подготвено за одржување изборите. – Нашите подготовки трае подолго. Подготвени сме и еве денеска ја отпочнуваме работата за претседателкските избори, рече претседателот на ДИК, која претходно денеска на седница го донесе Роковниот за одржување на претседателските избори.

Имајќи ги предвид новите измени на Изборниот законик, Рилкоски појасни дека ќе има избор на нови состави во избирачките одбори.

„Таму е предвидено претседателот да има високо образование, а останатите членови да имаат најмалку средна стручна спрема“, изјави Рилкоски.

На денешната седница ДИК го утврди Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на изборите за претседател распишани за 13 април. Првпат за претседател ќе гласа и дијаспората.

Кандидатурите за претседател до ДИК ќе треба да се достават најдоцна 30 дена пред изборите однодно до 13 март.

Од 17 февруари независните кандидати кои ќе сакаат да се кандидираат за претседател ќе можат да собираат потписи. Процедурата ќе трае 15 дена. Право на кандидатура ќе имаат оние што ќе соберат потписи од 10.000 граѓани или од 30 пратеници.

Јавниот увид во избирачкиот список завршува на 7 март.

Предизборната кампања трае 20 дена и ќе започне на 24 март.

За прв пат на претседателски избори, право на глас ќе има и дијаспората. Ќе гласаат сите македонски државјани кои живеат надвор од Македонија минимум три месеци.