Рио Фердинанд ја заврши боксерската кариера

Поранешниот англиски фудбалски репрезентативец, сега 39-годишниот Рио Фердинанд, ја заврши боксерската кариера без ниеднаш да влезе во рингот во официјален меч, бидејќи му е одбиено барањето за лиценца.

Фердинанд, кој ја прекина фудбалската кариера во 2015 година, сакаше да се испроба и како боксер, но Британскиот боксерски комитет за контрола (BBBoC), одби да му издаде лиценца.

„Разочаран сум од оваа одлука. Сакав да им покажам на луѓето дека е можно да се остварат своите сништа и цели. Боксот е физички цврст, тежок и опасен спорт кој бара да се употребат умот и телото. Секогаш ме привлекуваше и тоа беше предизвик кој не го сфаќав лефтерно. Никогаш не потценував колку тоа би било тешко“, изјави поранешниот стопер на англиската фудбалска селекција, на Манчестер Јунајтед, Лидс Јунајтед и на Квинс Парк Ренџерс.

Рио Фердинанд од септември минатата 2017 година тренираше четири пати седмично, а го тренираше поранешниот светски шампион во супер-средна категорија според WBC верзијата, Ричи Вудхол.

„Рио можеше да стане професионален боксер со текот на времето. Има природна сила во десната рака, во одлична форма е и желен е за учење“, изјави Вудхол.

Фердинанд дури 12 години беше член и капитен на Манчестер Јунајтед во чиј дрес освои шест титули првак на Англија, по една во Лигата на шампионите и Светското првенство за клубови, два англиски Лига купови и четири ФА Комјунити Шилд. За англиската селекција впиша 81 настап во кој постигна три гола.