Ристески: Поради политичката криза три години работевме со ограничени надлежности

Поради политичката криза три години разботевме со ограничени надлежности, изјави градоначалникот на Прилеп Маријан Ристески во „Отворено студио“ на ТВ НОВА.

Тој моменталната ситуација со локалната самоуправа ја оцени како деликатна и смета дека вака како што е најмногу ќе се одрази на  граѓаните во земјава.

„Локалната самоуправа е најблиска до граѓаните и ги реализира нивните потреби, па најмногу би се почувствувало на нивна кожа. Се договоривме да не ги напуштаме кабинетите, да бидеме тука додека не се случат промените во изборниот законик, со цел понатаму нормално да функционираат локалните самоуправи. Денешниот ден го поминавме на работните места без притоа да потпишуваме документи“, рече Ристески.

Додаде дека го привршува неговиот трет мандат како градоначалник, кој благодарение на политичката криза е еден од најтешките.

„Влеговме во голема политичка криза што уште не доби разрешница. Имавме повеќе циклуси на избори, а согласно законските прописи ние сме лимитирани за време на изборниот процес. Ваквиот циклус траеше долго – имавме претседателски, закажувани па откажувани парламентарни избори, и на крајот избори што не се завршени, а кризата се уште трае. Ние сме ограничени во поглед на нашите програми и буџети. Врв на сето тоа е мислењето дека до 15-ти мај завршуваат мандатите на градоначалниците, а денеска излезе инспекторатот со друго мислење“, рече Ристески мислејќи на толкувањето на инспекторатот за локална самоуправа според кое техничкиот мандат на градоначалниците трае до крајот на годината.

Рече дека мислењата се конфузни и сето ова се одразува на работењето на локалната самоуправа. Според Ристески, последиците од нетпотпишувањето на градоначалниците ќе бидат големи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.