Ристо Лазаров објави нова книга „Врежанки белградски”

По минатогодишната книга „Врежанки” писателот Ристо Лазаров деновиве ја објави и книгата прозни записи „Врежанки белградски”, во која централно место заземаат настаните поврзани со распаѓањето на СФРЈ. Како што забележува Глигор Стојковски, автор н поговорот, овие Врежанки на Лазаров за травматичниот почеток на деведесеттите ја отвораат реалноста (“безмилосно проста и јасна”, како што веќе ја беше дефинирал Конеск) – политичката, воената, националната… речиси секогаш на “микро” план, далеку од големите стратези и потези, но со сета драматичност, тегобност и трагичност кои како голем бран ќе ја покријат целата територија на тогашната држава.
Всушност, продолжува Стојковски, „Врежанките” се натопени со многу чувства, но тие редовно се подзаскриваат, ним Лазаров не им дозволува да го освојат просторот во приказната (или ако сакате во расказот, зашто секоја “врежанка” е безмалку самостоен расказ, со свои ликови, со свое дејство, со своја порака) туку ги пушта толку, колку да ги направи сочни и спонтани, колку да се насети неговиот буен, импулсивен темперамент.

Ристо Лазаров својата книга, која содржи 50 записи, ја означува како едно можно свртување кон минатото, еден можен извор или изворче на нова надеж, при што секој сам си го прави кладенецот. Тој најавува продолжение на записите што ги објавува под наслов „Врежанки”.