Ристовски: Да не се доведуваат студентите во заблуда

Би сугерирал да не се доведуваат студентите во заблуда и некој да ги искористува за други цели кои не се најдиректно поврзани со високото образование, туку  за други интереси. Секој ден се уверуваме дека има замешано политика, изјави денеска заменик министерот за образование и наука Спиро Ристески, кој присуствуваше на промовирањето на проектот за енергетска ефикасност во општина Кривогаштани.

Тој најави дека владата идната недела  ќе ги разгледа првичните предлог-законски решенија за воспоставување систем на државен испит во високото образование, за потоа преку Министерството за образование да има јавна расправа.

– Како што најавивме изминатиов период, де факто, целокупната идеја во однос на воспоставување систем на државен испит беше во фаза на изработка на анализа. Првичните предлог-законски решенија во текот на следната недела владата  ќе ги разгледа. По усвојувањето на нацрт текстовите, нам како ресорно министерство ќе ни се даде зелено светло и ќе бидат проследени на широка јавна расправа во која очекуваме да се вклучат сите, покрај засегнати и заинтересирани страни факултетите, студентите, студентските парламенти, сите граѓани кои би сакале да дискутираат за овие предлог законски реформи кои ги планираме, рече Ристески.

По јавната расправа владата ќе донесе одлука одлука на кој начин, согласно сугестиите ќе бидат предложени финалните законски решенија.

– По донесувањето на одлуката за вклопувањето на сугестиите, предлог реформските зафати за воспоставување систем на државен испит во високото образование ќе бидат понудени на расправа во парламентот, објасни Ристески.

На новинарското прашање да ги коментира студентските протести, Ристески изјави дека во тој поглед има чудна ситуација и постојат уверувања дека студентите се злоупотребени.

– Навистина е чудна ситуацијата поврзана со протестите. Кога пред две недели постоеше недоразбирање и на еден начин беа злоупотребени и недоволно информирани дел од студентите по однос на вистинската причина за протестот се шпекулираше дека се најавува екстерно тестирање во високото образование што апсолутно не е точно. По објаснувањето од наша страна и од сите институции дека не станува збор за екстерно тестирање, туку за предлог решенија со кои нудиме воведување државен испит и дека законските решенија се уште не се финални и ќе одат на јавна расправа, сега повторно се доведуваме во една чудна ситуација кога некој се обидува да ги злоупотреби студентите со нови изјави. Сега не се протестира против екстерното, туку се протестира против се и сешто што се споменува како можна реформа во високото образование, изјави Ристески.

Заменик министерот за образование сугерира да се внимава  да не се доведуваат студентите во ситуација некој да ги внесува во заблуда и да замешува политика.

– Би сугерирал да не се доведуваат студентите во заблуда и некој да ги искористува за други цели кои не се најдиректно поврзани со високото образование, туку  за други интереси. Секој ден се уверуваме дека има замешано политика, изјави заменик министерот Спиро Ристески.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.